Клиниката за гинекологија од Скопје излезе со официјално соопштение за денешниот нов случај во кој почина трудница во шестиот месец од бременоста. Од Клиниката велат дека жената била примена со мртов плод и имала прснат водењак и тешка гнојна инфекција.
-Со пациентката е постапено по сите протоколи во вакви тешки случаи, со максимален залог на дежурната екипа на гинеколози и анестезиолози од ЈЗУ У ГАК и анестезиолози од Карил, како и на раководниот тим кој беше повикан и присутен на клиниката.
Семејството на пациентката беше во целост навремено информирано за состојбата на пациентката. И покрај сите заложби на персоналот за жал дојде до смртен исход, се вели во соопштението од скопската клиника.
Од Клиниката за гинекологија рекоа дека членовите на комисијата за следење и унапредување на квалитетот за здравствената заштита итно се состанале за овој случај со цел да се направи увид во овој случај по што било констатирано дека се испочитувани сите процедури.
За два дена, ова е втор случај да почине трудница. Првиот беше во гевгелиската болница, кога починаа мајката и нероденото дете.