Коалицијата меѓу СДСМ и БЕСА не е на идеолошка основа туку од нужда, чиј ефекти ќе се видат понатаму во зависност од комплементарноста и синергијата на настапите и пораките на двете партии, вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски во изјава објавена во најновиот број на неделникот Фокус.
-За Македонија е клучно намалување на меѓуетничкиот јаз, а важен чекор во тоа е намалување на тој јаз во политиката. Предизборни коалиции се добар чекор во тоа насока за поместување на меѓупартискиот натпревар од етничко на идеолошко поле. Противник сум на принципот „победник со победник“ од самиот почеток. Затоа овој чекор е за поздравување. Од друга страна оваа коалиција е кроз-етничка, но не е идеолошка. Беса се декларира како социјално-конзервативна, и симпатизери на СДСМ ја нарекуваа „исламисти во одела“. СДСМ се декларира за лева и либерална партија. Оттука ова не е идеолошка коалиција, туку коалиција од нужда, слично како коалициите на СДСМ со ВМРО-НП и слични десни партии. Предизвикот на коалиции кои не се засновани на идеологија и вредности, туку на нужда е како ќе бидат прифатени од гласачите и колку ќе траат – истакнува Клековски.
Во контекст на предизборната конфронтација меѓу владејачките партнери СДСМ и ДУИ, тој коментира дека СДСМ има потреба од дистанцирање од ДУИ, бидејќи, според него, има големо незадоволство од ДУИ во самиот СДСМ и меѓу гласачите.
-Во македонската политика се е можно. Можно е денес да не се согласувате и конфронтирате, а утре да правите коалиција, бидејќи доминира клинтелистички, а не идеолошкиот пристап. СДСМ има потреба од дистанцирање од ДУИ бидејќи има големо незадоволство од ДУИ во самиот СДСМ и меѓу гласачите. Дали е тоа реално незадоволство или СДСМ ги насочуваше критиките кон Владата на адреса на ДУИ (добар полицаец, лош полицаец) не е важно, важна е перцепцијата на ДУИ како лош меѓу гласачите на СДСМ – истакнува Клековски.
Тој смета дека основата на кампањата ќе биде за „националистичкото“ ВМРО-ДПМНЕ и „неспособниот“ СДСМ, а главни теми ќе бидат економијата (сиромаштија, невработеност), владеење на правото (корупција, криминал), како и животната средина (загадување, урбано планирање).
-Во моментот доминараат негативните кампањи со обвинувања за криминал и корупција. Теоријата вели дека кампањите немаат ефект во убедувањата на гласачите, туку главниот ефект е врз излезноста на гласачите. Корупциските скандали како „Рекет“, според истражувања на јавното мислење, имаат поголем ефект отколку добивање на датум за преговори со ЕУ. Главниот ефект би бил деморализирање на гласачите на СДСМ и нивна апстиненција од изборите – објаснува Клековски.
Според него, не е прашање кој ќе победи на изборите, туку кој ќе успее да формира Влада.
-Според достапните истражувања на јавното мислење, кои се пред објавувањето на коалицијата СДСМ со БЕСА, најмногу гласови би освоил ВМРО-ДПМНЕ, како што впрочем беше случајот и 2016 година. Предизвикот за ВМРО-ДПМНЕ би бил формирање на Влада, односно коалицискиот капацитет со партиите чии гласачи се етнички Албанци – нагласува политичкиот аналитичар.
Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.