Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, оцени дека неодамнешната акција за апсење на организирана криминална група на Вељко Беливук е една од најголемите акции од 2003 година. Тој истакна дека досега се приведени 20 лица.
-Одреден им е притвор од 30 дена. Истрагата продолжува. Од утре почнува и финансиска истрага и сите овие лица ќе мораат да го објаснат и потеклото на своите имоти – истакна Вулин.
Тој посочи дека организираната група се товари за три убиства.
-Итрагата се шири, некој учествувал заедно со нив и им продавал дрога, правел и други тешки дела. До овој момент пронајдовме 30 различни локации каде е пронајдена дрога, оружје и пари. Отпор при апсењета не можам да кажам дека имаше – рекол Вулин.
Тој потврди дека во еден од становите на осомничените е пронајден снајпер, кој, како што рече, сигурно не се користи за меѓусебни мафијашки пресметки.
-Не се користи за да се оди на рекет, изнуда … Се користи за елиминирање на важни цели, на некои до кои не можете лесно да им пристапите и обично се високи функционери – рече Вулин.
Инаку, „Република.рс“ објави дека Беливук познат како Веља Неволја планирал прв да биде убиен Андреа Вучиќ, брат на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека за таа цел бил ангажиран снајперист од Босна со искуство во војната.