Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, денеска информираше дека низ државата се рехабилитираат патишта во вкупна должина од околу 100 километри. Во рамки на тоа, вклучен е и патот Битола-Тополчани-Прилеп долг 15 километри, за кој, рече Китанов, обезбедени се еден милион евра.
– Реконструкцијата на овој пат ќе заврши напролет, но за Пелагонискиот регион очекуваме до крајот на годината да биде тендериран и патниот правец од Битола до Меџитлија со што ќе се овозможат градежни активности во рана пролет. Во моментов, во тек е и тендерот за звучни бариери кои ќе бидат поставени на обиколницата во Битола кај месноста Баир, а на Градежен факултет во Скопје се изработува документација за изградба на автопат Битола-Прилеп. Гледано генерално, тоа што рековме дека за една година ќе извршиме рехабилитација на 500 километри патишта се исполнува – истакна тој.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пак, истакна дека изградбата на патната, железничката, комуналната инфраструкура и гасификацијата се врвен приоритет на Владата.