Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја одложи посетата на Кина откако кинески балон беше забележан над САД, потврди американски официјален претставник.

Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја продолжи комуникацијата со САД за справување со неочекуваната ситуација.

-Цепелинот е од Кина и е од цивилна природа и се користи за метеоролошки и други научни истражувања. Поради влијанието на западните ветрови и ограничената способност за маневрирање, цепелинот отстапил од планираниот курс“, се вели во соопштението.

Американските власти претходно соопштија дека кинески шпионски балон лета над САД веќе неколку дена.

САД и Канада следеа балон кој лета на голема височина над Северна Америка и чувствителни воени локации.