Кина бара од странските амбасади во Пекинг да не прикажуваат „политизирана пропаганда“

by Fokus

Кина им порача на неколку странски мисии во Пекинг да не прикажуваат „политизирана пропаганда“ на нивните згради, рекоа дипломатите.

Дипломатите додаваат дека се чини дека барањето од Кина се однесува на украинските знамиња истакнати од почетокот на руската инвазија.

Неколку странски мисии во Кина го подигнаа украинското знаме или го истакнаа неговиот лик на светла и на постери од почетокот на инвазијата во февруари лани, што наиде на меѓународна осуда од Русија, блискиот сојузник на Кина.

„Ние и другите добивме писмо во кое ги повикуваат амбасадите и мисиите да се воздржат од користење на надворешните ѕидови на нивните згради за ‘политизирана пропаганда’“, изјави за Ројтерс дипломат чија амбасада има слика од украинското знаме.
Дипломатот рече дека мисијата немала намера да постапува по известувањето.

Тројца други дипломати со седиште во Пекинг потврдија дека го добиле известувањето, додавајќи дека иако директно не го спомнува украинското знаме, јасно било насочено кон него.

Неколку недели откако Русија ја почна, како што ја нарекува својата „специјална воена операција“ во Украина, плакат со украинско знаме на надворешниот ѕид на канадската амбасада во Пекинг беше обезличен со анти-НАТО графити, пишува Ројтерс.

Мисиите на Европската унија, Велика Британија, Германија и Полска во Пекинг, исто така, истакнаа слики од украинското знаме. Кина повика на мир во Украина, но се воздржа од осуда на својот сојузник Русија, што наиде на критики од западните земји.

Некои амбасади во Пекинг, исто така, веат знамиња со виножито за поддршка на ЛГБТ заедницата, за да го одбележат Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во среда и месецот на гордоста на ЛГБТ во јуни.

Не беше јасно дали Кина, која се соочува со критики од групите за човекови права во последниве години за сузбивање на ЛГБТ активизмот, со писмото се противи на тоа.

Поврзани новости