Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, потпишал нов закон со кој во земјата најстрого се казнува носењето фармерки, гледањето странски филмови и користењето сленг, со цел сузбивање на влијанието на САД, Јужна Кореја и Јапонија.
„Северна Кореја е во непрекинат локдаун, без интернет, без социјални мрежи и со само неколку контролирани државни телевизиски канали кои на народот му го сервираат тоа што Ким Јонг Ун сака да го слушне. А сега лидерот на оваа земја одлучи да оди чекор понатаму, потпишувајќи нов закон со нови забрани. Лицето кое ќе биде фатено дека гледа странски филмови го чека затворска казна до 15 години, а оние кои поседуваат поголема количина на такви филмови ќе добијат доживотна затворска казна. Новиот закон забранува и употреба на странски изрази, како и носење фризура и облека за кои Ким Јонг Ун смета дека се опасни отрови“, објави Би-Би-Си.
Порталот од јужнокорејската престолнина Сеул, „Daily NK”, пак, објави дека тројца тинејџери во Северна Кореја ќе бидат пратени во едукациски камп, бидејќи се пострижиле како еден јужнокорејски поп-пејач и носеле фармерки исечени над зглобот.