ИНТЕРВЈУ со Пивоваров: Се говори за корупција на границите, но ретко кој пријавува

by fokus

Владимир Пивоваров, национален координатор за гранично управување, во интервју за Фокус вели дека помеѓу патниците и превозниците кои флуктуираат на граничните премини се шпекулира дека постои корупција. Дури, Пивоваров говори за неформални тарифници, кои предвидуваат мито од 500 евра за автобус и 250 евра за комбе, за да не биде оцаринета стоката која се наоѓа во нив. Но, тој нагласува дека граѓаните многу ретко ги пријавуваат ваквите случаи, иако, како што посочува, постојат телефонски броеви (192, 197) и апликацијата за анонимно пријавување.

Преку софтверот кој е дониран од страна на УСАИД на МАКАМ Транс добиваме информации од камионските превозници за можна корупција на граничните премини, како кај нас така и на сите гранични премини на кои тие се движат, а од друга страна споделуваме информации кон нив за состојбите на граничните премини, можните застои и причините за истите, и во досегашниот период оваа соработка на заемно задоволство е на високо ниво. Меѓутоа, не сме задоволни од бројот на пријавени случаи за можна корупција на граничните премини иако во повеќе наврати на работните состаноци МАКАМ Транс истакнуваме дека во борбата со корупција тие се главниот чинител, а од друга страна и објект од кој се зема мито. Од страна на Владата постои силна политичка поддршка за охрабрување на превозниците да пријавуваат можна корупција – вели Пивоваров.

Разговара Влатко Стојановски

ФОКУС Може ли да појасните во што поточно се состојат вашите надлежности и делокруг на работа како национален координатор за гранично управување?

ПИВОВАРОВ Надлежностите на Национален координативен центар за гранично управување се регулирани со Законот за гранична контрола со член 56 и 57, а подеталното функционирање на НКЦГУ е дефинирано со голем број на протоколи. НКЦГУ како владино тело во своето функционирање отпочнало со работа во 2009 година, всушност тоа било еден од предусловите за добивање на безвизен режим за граѓаните од нашата земја. Во НКЦГУ гравитираат сите државни институции кои имаат ингеренции при влез и излез на граничните премини на Република Северна Македонија, а тоа се 9 министерства, 4 агенции, 2 дирекции и 2 инспектората. Сите наведени државни институции законски имаат дефинирано свои надлежности, од што произлегува дека координативниот центар во реално време ги координира нивните активности поврзани со граничните премини т.е. остварува меѓуинституционална соработка помеѓу нив, со што се овозможува побрз проток на патници и стоки на граничните премини.

ФОКУС Што поконкретно претставува системот за интегрирано гранично управување? Како функционира овој систем и кои се неговите придобивки?

ПИВОВАРОВ Системот за Интегрирано гранично управување има за цел брза размена на информации помеѓу институциите на национално ниво кои имаат ингеренции на граничната линија и на граничните премини која во моментов се извршува преку офицерите за врска делигирани од матичните инситуции а упатени во НКЦГУ. Оваа размена на податоци се врши перманентно 24/7 во реално време. Инаку, во очекување сме да биде воспоставен Информациски систем за Интегрирано гранично управување што ќе овозможи овластените лица во наведените институции согласно своите надлежности со претходно одредени логови за конкретна потреба да пристапуваат до базите на податоци на другите институции, со што нивната претходна комуникација која траела со денови ќе се сведе на милисекунди. Овој проект е дел од ИПА 2 програмата која очекуваме наскоро да биде реализирана.

ФОКУС Кои се главните предизвици и проблеми со кои се соочува државата кога станува збор за македонските граници и гранични премини?

ПИВОВАРОВ Предизвиците и проблемите на граничните премини генерално секоја земја ги имплементира во својата национална стратегија за Интегрирано гранично управување, вклучително и нашата кои потоа се разработуваат согласно изготвените акциски планови. Согласно Шенген правилата, националните стратегии почиваат на 12 столба. Меѓутоа, во сите акцент е ставен на побрзиот проток на патници и стоки притоа задржувајќи ја безбедносната и законската компонента, како и спречување на кривични дела кои имаат обележја на транснационален криминал (тероризмот, трговија со наркотици, трговија со луѓе, перење пари, трговија со оружје и др.).

ФОКУС Каква е вашата оценка за нивото на корупција на граничните премини? Што говорат вашите информации и сознанија?

ПИВОВАРОВ За да го одредиме нивото на корупција на граничните премини пред се е потребно надлежните институции да извршат истражување кое би ги покажало точните параметри на нивото на корупција на граничните премини, што ќе биде добра основа за изготвување на сериозна анализа на ризик и преземање на конкретни мерки од страна на надлежните институции, нормално во содејство со јавното обвинителство кое согласно нашите закони е надлежно да ги води истрагите. Инаку, помеѓу патниците и превозниците кои флуктуираат на граничните премини се шпекулира дека вакви општествени појави постојат, но мора да истакнеме дека истите многу ретко се одлучуваат ваквите настани да ги пријават, иако постојат телефонски броеви за пријавување на корупција (192, 197) како и апликацијата преку која анонимно се пријавува корупција. Решавањето на овој горлив проблем што го засега секое општество мора да го решаваме сите заедно, односно да ги охрабриме граѓаните секој случај на можна корупција да го пријавуваат благовремено а не после изминат временски период своите видувања да ги споделуваат со граѓаните, а тоа е тоа што најмногу боли дека корупција наводно постои а не сакаме сите заедно да ја решиме. Уште еднаш во мое име и во име на Владата апелирам граѓаните да се охрабрат ваквите настани правовремено да ги пријавуваат, бидејќи МВР веќе има изготвено протокол за постапување по дојава за можна корупција на граници, со што ефективно и ефикасно ќе настапи во вакви случаи. Ова кривично дело спаѓа во група на кривични дела кои се случуваат во одреден миг, при што можат да се прибават конкретни материјални докази, додека вербалните докази по извршеното давање на мито многу тешко или воопшто не може да се докажат.

ФОКУС Дали лично и непосредно сте се увериле дека постои таканаречена мала корупција на границите која притоа прават голема штета врз буџетот?

ПИВОВАРОВ Точно е дека корупцијата е најголемото зло за секое општество и уште во 2002 година кога беше изготвуван стратешкиот преглед за можни безбедносни закани кон нашата држава овој вид на закана е вметнат во групата на асиметрични закани. Како што наведов, најболно е слушањето на гласини дека имало корупција на граничните премини меѓутоа тоа е само индиција која многу тешко се докажува. Ваквите гласини најмногу ме револтираат зошто во моментот на давање на мито не се искористени алатките кои им стојат на граѓаните за истото да го пријават. Ова не упатува на тоа дека сите мораме да го смениме менталниот склоп и тоа е единствениот пат како можеме да ја решиме корупцијата.

ФОКУС Постојат ли таканаречени неформални тарифници за исплата на мито на граничните премини за премин на патници, возила и стоки? Ако постојат, колку изнесуваат овие неформални давачки?

ПИВОВАРОВ Постојат шпекулации дека постојат неформални тарифници за која услуга колку мито треба да се даде, дека за влез во државата на автобус, за да не биде оцаринета стоката која се наоѓа во автобусот, и да не им биде побарана интербус дозвола, се барало 500 евра. Во истиот случај со комбиња се барало 250 евра, но сепак напоменувам дека тоа се само шпекулации, а ако е така ги охрабруваме превозниците ваквите случаи во реално време да ги пријават.

ФОКУС Неодамна беше донирана апликација која овозможува транспортерите да пријават доколку на граница им биде побарано мито, па може ли да откриете колку пријави досега се поднесени и за какви износи се работи?

ПИВОВАРОВ Досега од страна на превозниците се пријавени само 5 случаи на барање на мито на граничните премини од кои 2 случаи на странски граници за кои во реално време преку нашиот Интерпол сме ги известиле надлежните држави и 3 случаи на барање на мито на нашите гранични премини. Од ова заклучуваме дека ова е минорна бројка во однос на гласините за широко распространета корупција на граничните премини поради што повторно апелираме до превозниците и сите граѓани ваквите појави во реално време да ги пријавуваат.

ФОКУС Колку се сигурни и чувани македонските граници, ако имаме во предвид дека многу правосилно осудени лица успеаа да ја напуштат државата без да се утврди никаква одговорност, меѓу кои е и поранешниот премиер Никола Груевски? Има ли црни точки на границите кои се надвор од секаква контрола на државата и кои се тие?

ПИВОВАРОВ Во светот не постојат херметички затворени граници, а всушност тоа е и неизводливо за да може секој илегален влез или излез да биде спречен. Согласно законот за гранична контрола, како и во останатите европски земји, е предвидено на легалните гранични премини, патниците да бидат заведени при влез и излез од државата со можност да не бидат заведени, меѓутоа граничните служби имаат можност во внатрешноста таквите лица да бидат дополнително контролирани. Сите наши гранични премини имаат свој видео надзор како дополнителна алатка за можноста ова законско решение да не биде злоупотребено.

ФОКУС Јавна тајна е дека во земјава делуваат неколку добро организирани криминални структури кои се занимаваат со нелегален транспорт на мигранти, за што имаше и неколку полициски акции. Каков е вашиот став во однос на темата со проблемот со мигрантите, за кои Македонија е главно транзитна територија?

ПИВОВАРОВ Во досегашниот период Министерството за внатрешни работи и надлежните организациони единици за борба против криумчарење на мигранти покажаа завидни резултати во откривачката дејност при што од слобода беа документирани и лишени повеќе криминални организации, а колку и да беше успешно МВР во борба со ваквиот криминал по разбивањето на една ваква криминална организација се појавуваат 2 нови од причини што ова е многу доходовен бизнис за кој меѓународните организации од нивните истражувања наведуваат дека на годишно ниво на истите им носи нелегален приход помеѓу 17-20 милиони евра. Работата на надлежните организациони единици во МВР од страна на ФРОНТЕКС е оценета со највисока оценка, меѓутоа треба да сме свесни дека овој проблем треба уште позасилено да го анулираме.

ФОКУС Каква е состојбата на граничните премини откако изби пандемијата со корона вирусот, која извесен период ги затвори границите, кои потоа се отворија под одредени услови, кои налагаа приложување на посебни тестови и слично? Што се промени од тој аспект?

ПИВОВАРОВ Од избивањето на пандемијата во февруари минатата година здравствените власти перманентно носеа одлуки за доаѓање и одење од Република Северна Македонија како за нашите така и за странските државјани кои требаше да бидат спроведени на самата гранична линија. Генерално, сите земји беа затекнати со новонастанатата ситуација, поради што перманентно за воочените слабости се вршеше координација помеѓу засегнатите институции и беше воочено дека е потребно вршење на контрола врз надлежните институции кои ги преземаат мерките согласно заклучоците на Владата со цел да не дојде до погрешно толкување на мерките од страна на поединци на граничните премини. Од оваа координација помеѓу институциите произлегоа заклучоци за воочените недостатоци и истиот извештај беше доставен до Владата така што овој проблем беше надминат.

ФОКУС Што велат меѓународните искуства? Каква е во соседните држави и пошироко состојбата на границите и граничните премини и како таму се надминуваат проблемите?

ПИВОВАРОВ Секоја земја на свој начин ги решавање настанатите проблеми но во последно време сите земји од Балканот сфатија дека мора да има и меѓународна координација за движењето на граничните премини, поради што во почетокот на овој месец во Црна Гора под покровителство на МАРРИ – РЦ беше одржана меѓународна конференција со учество на Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора, при што беа разменети националните искуства, но и можноста за меѓусебна соработка за надминување на проблемите на границите.

Поврзани новости