Килажата не смее да ви биде изговор за неуспех, вели Александра која освои второ место на Националното првенство во триатлон во Дојран!

by fokus

Александра (40) сепак на сите им покажа дека килажата не смее да биде изговор за неуспех и откажување, и во нејзината категорија рекреативци – жени го освои второто место.

Расположена, за „Фокус“ појаснува дека речиси пред секој натпревар се соочува со изненадени погледи, но и прашања од типот – Како ќе издржиш, нели ти пречат килограмите, нели се заморуваш бргу?

 

-Мојата спортска приказна започна сосема случајно, пред пет години. Првенствено поради слабеење, но и бидејќи сакав да поработам на кондицијата, започнав да се подготвувам за Скопски маратон 2015. Ми беше во план да учествувам на трката на пет километри. Но, поради настаните во Куманово, маратонот беше откажан, а јас си продолжив со тренинзи.  Наредната година, веќе имав стекнато одлична кондиција и знаев дека пет километри ќе ги истрчам како од шега, па се пријавив на трката на 21 километар. И да, на изненадување на сите, го завршив успешно мојот прв полумаратон – појаснува Василеска, која по потекло е од Прилеп.

Работела како лаборант во болницата, мајка е на две машки деца на возраст од девет и дванаесет години, кои редовно ги тренира во разни спортски категории, и сепак наоѓа време и за себе и за одржување на својата кондиција.

Додава дека зад себе има низа на учества на маратони во регионот, трчала на 21 километар во Белград, Софија, Љубљана, Сараево… Секоја трка ја завршила, никогаш не се откажала, колку и да било тешко и напорно.

-Еден од потешките маратони на кој учествував беше Охридскиот, истрчав 31 километар, се работи за доста напорна патека, тоа можат да го кажат и професионалните атлетичари. Не веруваа луѓето дека ќе успеам, но го завршив без проблем. Учествувам и на планински трки, Крале Марко ми е омилена, бидејќи се одржува кај нас, во Прилеп. Го имам искачено Кораб, се пријавив годинава и за маратонот во Виена, но поради состојбата со корона вирусот, се одложи. Околу пливањето, бидејќи во Прилеп немаме затворен базен, вежбам кога имам можност во Струга, на езеро, а минатата недела пливав на Маратонот во Велес, на 1.600 метри-раскажува Александра.  

За учеството во триатлонот кој се одржа во Дојран, вели дека не се двоумела. Иако немала доволно вежбано возење на велосипед, сепак решила да се проба.

-Преполна со елан и позитивна енергија дојдов во Дојран. Знаев дека нема да биде лесно, но исто така знам и дека имам добра кондиција. Во топ форма сум, редовно вежбам, а килажата не смее да биде пречка да се одржува таа топ форма. Во никој случај и не смее да биде изговор дека нешто е невозможно. Јас сум жив пример. Без форсирање работам на себе и ја подобрувам кондицијата, тоа е најважно за секој спорт. Чекор по чекор, со упорност и верба во себе може да се оствари секој сон. Не ми е толку важно времето за кое ќе стигнам до целта, најважно е да не престанам да се движам, да не се откажам. И да не се пласирам високо на некој натпревар, тоа што сум имала храброст да учествувам и да не се предадам, мене ми е најголем триумф. Во категоријата рекреативци бевме 18 учесници, од кои две жени. Среќна сум што го издржав натпреварот до крај, одам понатаму со многу планови за спортски настани во иднина- ни изјави расположено триатлонката.

На сите кои се двоумат дали да почнат со спортување, било да е поради рекреација, здравствени причини или слабеење, им порача да не се колебаат и да го направат првиот чекор.

-На целта стигаат најупорните, и тоа нема ништо со килажата, туку со спортскиот дух! Уживам во сите спортски настани од кои сум дел изминативе години, децата ми се голема поддршка и гласно навиваат за мене. А јас навивам за сите кои решиле да го променат својот начин на живот на подобро, да стекнат кондиција, да ја остават мрзеливоста дома и да покажат дека можат-порача Александра.

И Гордана Кузманосвка – Николовска, која е дел од организацијата на триатлонот, ни раскажа дека Александра е ретко упорна личност, која со огромна љубов учествува на многу спортски настани.

-Не постои спортска дисциплина која за Александра е нешто невозможно. Тоа го покажа и денес, на триатлонот. Ја знам подолг период, ги следам нејзините учества на натпревари, не ме изненади воопшто што стигна на целта, насмеана, среќна што успеала. Во ниту еден момент не се посомневав во неа, таа е симбол на силен дух и мотивација за многумина – вели Гордана.

На триатлонот, во категоријата кадети-жени првото место го освои Ева Здравев, а во категоријата кадети-мажи Андреј Караскаковски. Во категоријата рекреативци – жени првото место го освои Емилија Пајковска, а во категоријата рекреативци – мажи Виктор Апостолски.

Ва категоријата сениори-жени првото место го освои Александра Танасоска, а во категоријата сениори-мажи Игор Димовски.

Во јуниори-жени со прво место се закити Магдалена Станковска, а јуниори-мажи Димитар Јованоски.
Во првата категорија на деца прво место освоија Калина Ѓорѓиевска и Ведран Ивановиќ, а во втората Јована Каленикова и Бобан Јаневски.

Натпреварот беше во организација на Триатлон Федерацијата на Македонија и Општина Дојран, а помагатели се Агенција за млади и спорт и Олимписки Комитет на Северна Македонија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости