КФОР е способен и опремен за да го спречи насилството во северно Косово

by Fokus

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, по повод состојбата со барикадите во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, порача дека употребата на насилство и агресивното однесување со цел да се влијае на политичките одлуки на властите се неприфатливи и се сметаат за провокација, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на КФОР се наведува дека е „одговорност на сите инволвирани страни да ја гарантираат колективната безбедност на регионот”.

– КФОР располага со потребните способности и средства за да го спречи насилството во областа и да обезбеди услови кои ќе го охрабрат натамошниот политички дијалог меѓу Приштина и Белград, со посредство на Европската унија, се цитира во соопштението командантот на Мисијата, генерал-мајор Анџело  Микеле Ристучи.

КФОР исто така информира дека го зголемил своето присуство во Јариње, на границата меѓу Косово и Србија.

– Ова зголемување беше неопходно, имајќи ги предвид последните извештаи за можно присуство на организирани криминални групи кои беа инволвирани во протестите, се вели во соопштението.

КФОР порачува дека е „подготвен да интервенира, доколку се укаже потреба, но дејствува и во правец на спречување на ескалацијата”, согласно мандатот што му е доделен од Организацијата на обединетите нации.

На 18 декември на српската страна на преминот Јариње се одржа протест организиран од српски десничарски групи, за кои се вели дека биле организирани од руската група „Вагнер”, во знак на поддршка на косовските Срби кои ги блокираат патиштата во тој дел од Косово. Од протестот беа објавени видео-снимки и фотографии на маскирани лица вооружени со калашникови.

Барикадите се подигнаа на 10 декември на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово.

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистерски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сé на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистерски таблчички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.

Поврзани новости