Новинарот Томислав Кежаровски пред малку излезе од затворот „Скопје“, бидејќи како што му било соопштено затворската казна му се прекинува за еден месец, односно му било речено во затвор да се јави на 18 февруари, кога ќе продолжи со издржувањето на казната од 3 месеци и осум дена.
Како што ни објасни Кежаровски, барањето за прекин на издржувањето на казната побарал директорот на затворот „Скопје“, а одлуката ја донел директорот на Управата за извршување на санкции.
„Во решението се наведува дека сум пуштен поради влошена здравствена состојба, а пишува дека во затвор треба да се појавам на 18 февруари“, истакна Кежаровски за „Фокус“.
И покрај ваквата одлука, закажаниот протест во 12 часот пред Апелациониот суд не се откажува, бидејќи новинарите ќе протестираат за тоа што нивниот колега доби осудителна пресуда, од две години затвор. Затоа ги повикуваат сите граѓани да им се придружат.
Апелација му ја намали казната на Кежаровски од четири и пол на две години затвор, но новинарските здруженија сметаат дека единствената праведна пресуда е ослободителната, бидејќи новинарот нема никаква вина.