Професорот Јове Кекеновски предлага опозицијата да се обедини пред претседателските избори и да настапи со еден кандидат. Според него во пресрет на претседателските избори потребен е консензус на целата опозиција околу еден кандидат, кој, додава Кекеновски, нема да ги потпише уставните измени.
„Кандидатот на опозицијата треба да потекнува од народот и да е близок со народот,
• човек кој е чесен, храбар, принципиелен, достоинствен, спремен во секој момент да се соочи со предизвиците како и да ја понесе одговорноста,
• човек кој ќе се бори правдата да ги стигне сите сторители на криминални дејанија и сторени зла без разлика на која партија и припаѓаат како и конфискација на нелегално стекнатиот имот,
• кандидат кој по своето убедување е легалист и легитимист, кој ќе бара доследно почитување на Уставот и законите, симболите на државата и почитување на институциите на системот,
• кандидат кој нема да ги потише донесените неуставни закони и Преспанскиот договор и ќе ги почитува резултатите од консултативниот (неуспешен) референдум,
• човек кој пред органите на ОН, пред МСП и пред целата меѓународна стручна и научна јавност преку правна и политичка процедура ќе побара исправање на нанесената неправда и преседан еден народ да си го менува сопственото име,
• човек кој во иднина со својата чесност, правдољубивост, барањето за еднаквост на сите пред законите како и почитување на различитостите ќе го симболизира државното единство,
• кандидат кој ќе побара морална и кривична одговорност за сите оние кои во името на славољубието и личните интереси го обезличуваат, понижуваат и делат сопствениот народ,
• кандидат кој ќе побара под итно истрага за сите високи функционери кои одработуваат за странски служби и интереси
• кандидат кој ќе ги отповика сите оние амбасадори и останати дипломатски претставници кои не се на висината на задачата и др“, порачува Кекеновски.