Откако ДУИ вчера не донесе одлука да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ и истече рокот кој Груевски го имаше за да обезбеди мнозинство, сега сите погледи се вперени кон претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Според Уставот, доколку победникот на изборите не успее да формира влада, тогаш претседателот треба да го даде мандатот на лидерот на следната партија што освоила најмногу пратенички места.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ вчеравечер откако соопшти дека нема коалција со ДУИ, побара одржување на нови избори, што според нив е „единствено зрело решение за излез од кризата“. Ова покажува дека тие не се подготвени да се откажат од мандатот, односно да дозволат тој да премине во рацете на Заев.
За ДУИ, остануваат сите опции во игра, иако е нејасно како се уште е отворена опцијата за влада со Груевски, кога тој треба да го врати мандатот. Партијата на Ахмети и денеска ќе продолжи со меѓусебни консултации во обид да донесе конечна одлука.
Претходно, провладините медиуми и експерти блиски до ВМРО-ДПМНЕ ја промовираа опцијата ако Груевски не успее да обезбеди мнозинство во законскиот рок, мандатот повторно да се даде на ВМРО-ДПМНЕ.