Продажбата на државното земјоделско земјиште ќе почне во втората половина на 2021 година, за што ќе биде потребно претходно да се донесат неопходните законски измени, а најмалата површина која ќе може да се купи ќе биде 10 хектари, најави премиерот Зоран Заев на Алсат М.
-Земјоделското земјиште нема да смее да се пренаменува во градежно земјиште, туку ќе мора да се користи за земјоделско производство. Доколку не се користи, односно доколку некој го купи и не го стави во функција, тогаш ќе плаќа три пати поголем данок на имот – појасни Заев.
Тој додаде дека вкупната вредност на земјоделското земјиште со кое што располага државата се проценува на околу 2 до 2,5 милијарди евра, од кое очекува да се продадат околу 10-15 отсто од што би се инкасирале околу 200 до 300 милиони евра.
-Постојните концесионери ќе имаат предност да го купат земјиштето кое што сега го користат по пат на директна спогодба според пазарна цена која дополнително ќе биде определена, а доколку не сакаат тогаш со земјиштето ќе располагаат додека трае концесијата. Потоа, тоа ќе биде понудено на продажба – рече Заев.
Премиерот посочи дека компаниите кои доаѓале од Катар биле заинтересирани за поголеми површини за да одгледуваат јагниња или крави.