Ќе се потрошат над 2 милиони евра за дотерување на Арената Филип 2 Македонски

by fokus

Над 2 милиони евра ќе се потрошат за „дотерување“ на Арената Филип 2 Македонски, односно за да се обезбедат услови за одржување на УЕФА Супер Купот во фудбал во август 2017 година.

Тендерот за подготвување на Арената за УЕФA Супер Купот бил склучен пред два дена, а вчера беше објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки. Според објавените податоци, Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, ја избрало фирмата ВИА ИНЖИНЕРИНГ ДОО увоз-извоз од Вевчани, која треба да ги заврши предвидените градежни, градежно занатски и инсталатерски работи.

На тендерот учествувале 6 компании, а иако како услов е наведено дека ќе се избира според најниската добиена понуда, сепак е избрана малку поскапа, бидејќи најниската понуда била 1,8 милиони евра, а е избрана понуда од 2,1 милиони евра.

Дека на Арената и е потребно дотерување било одлучено на Сто и единаесетата седница на Влада, одржана на 13.10.2015 година, а на седица одржана по еден месец донеле заклучоци.

„Акционерското друштво да ги утврди приоритетните фази на изградба за обезбедување на просторни и технички услови за одржување на УЕФА Супер Купот во фудбал, да го утврди обемот на измени и дополнување на техничката документација и да започне со постапка за измена и дополнување согласно позитивните законски прописи на Република Македонија, да подготви акциски план со конкретни рокови за преземање на сите потребни активности во врска со Национална Арена Филип II Македонски согласно барањата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и други, пишува во образложението за склучениот тендер.

В.В.

Поврзани новости