Ќе се менува Законот за заштита на сведоци

by fokus

Се подготвуваат измени на Законот за заштита на сведоци, откри министерот Оливер Спасовски, во своето денешно обраќање по повод отчетот од работењето на МВР за изминатите 100 дена. Министерот истакна дека текстот на Предлог-законот за заштита на сведоците е подготвен, а министерството учествувало во работната група.

Пред неколку месеци измени на законот бараше и Специјалното јавно обвинителство, но тие не беа изгласани од Собраниското мнозинство. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тогаш образложи дека сведоците не биле доволно заштитени со постојаното законско решение и дека е неопходно нивна поголема заштита.

Со оглед на сегашниот распоред на силите во Собранието, се очекува овие измени да добијат зелено светло, бидејќи за нивно изгласување е потребно просто мнозинство.

Иако засега не се познати детали за измените, сепак се очекува да се намали бројот на лица на кои ќе им е познат идентитетот на заштитениот сведок, но и да може СЈО независно од Републичкото јавно обвинителство да заштитува вакви сведоци.

Според постоечкото законско решение, идентитетот на овие сведоци уште во стартот, додека го добијат статусот на заштитен, им е познат на 15 луѓе, од кои и на републичкиот јавен обвинител и на директорот на Управата за извршување санкции, функции кои до неодамна ги извршуваа Марко Зврлевски и Лидија Гавриловска.

Поточно, за одредено лице да стане заштитен сведок или да биде вклучено во Програмата за заштитени сведоци предлог поднесува Јавниот обвинител на РМ, врз основа на писмено барање добиено од надлежен јавен обвинител, судијата кој постапува по предметот или Министерството за внатрешни работи. Барање да биде заштитен сведок може да поднесе и самиот сведок, кој одбива да сведочи јавно, поради страв за својата безбедност и на своите блиски.

Одлуката, пак, ја носи Советот, кој е составен од пет члена и тоа, судија од Врховниот суд, еден од замениците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкции, претставник од МВР и раководителот на Одделението во МВР. Членовите на Советот, пак, имаат и свои заменици.

Ова значи дека уште на почетокот десетина луѓе го знаат идентитетот на заштитениот сведок, поради што од Специјалното јавно обвинителство инсистираа да се намали бројот на лицата бидејќи тоа може да доведе до протекување информации, со што пак ќе се загрози безбедноста на сведоците. Затоа преку измените, СЈО бараше Советот да се прескокне, а одлуката за тоа кој ќе стане сведок под заштита да ја носи лично специјалната обвинителка.

Валентина Вурмо

Поврзани новости