Денеска скопското обвинителство информираше дека е поднесен обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот Доказ. Тој кривично се гони за неколку дела, а предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб порталот во негова сопственост.
-Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка, денеска поднесе Обвинителен предлог против едно лице, кое се товари дека преку веб портал во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ, едно кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в.чл.19 од КЗ, едно кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.2 вв ст.1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ.
Но од обвинителството информираат дека против Стаменковски е оформен уште еден предмет. Поточно, како што и претходно објави „Фокус“, во неговиот дом, при претресот, биле пронајдени 90.000 евра, па се очекува во новиот предмет да се открие од каде ги добил овие пари.
Исто така при претресот беше пронајдена и документација, за која се шпекулира дека може да разоткрие и други инволвирани.
-Со наредба обезбедена од надлежен суд, беше извршен претрес во домот на обвинетиот бидејќи постоеше сомнение дека кај него можат да бидат пронајдени докази и за други кривични дела. При претресот, кај него беше откриена документација, електронски уреди и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела. За ова е оформен уште еден предмет во Основното јавно обвинителство Скопје по кој интензивно се постапува, а вештачењата на пронајдените предмети и документи се во тек. Во рамките на тој предмет се вршат проверки и по кривични пријави поднесени од други лица, кои во меѓувреме пријавуваат во обвинителството дека биле жртви на истиот веб портал, информираат денеска од Обвинителството.