Кавадаречките пожарникари за акцијата во Турција: Со „брате“ не ословуваа, и се заблагодаруваа што сме ги извлекле телата на нивните блиски!

by Fokus

Припадниците на ТППЕ Кавадарци кои по осум дена се вратија од хуманитарната спасувачка акција од регионот погоден од страотниот земјотрес во Турција, вчера добија признанија од градоначалникот Митко Јанчев.

Деветмината пожарникари кои заминаа во Турција да помогнат при спасување на настраданото население, се гордост на градот поради својата солидарност, а командирот на ТППЕ Кавадарци, Александар Чадамов за ,,Фокус” раскажува потресни и емотивни детали од периодот поминат во Турција, додека во рушевините трагале по знаци на живот.

-Се започна кога градоначалникот Јанчев дојде со предлог да се вклучиме во мисијата и да испратиме наши луѓе во Турција. Сите 28 лица од противпожарната служба, без ниту секунда двоумење се понудија да заминат! Тоа се моменти од кои полазуваат морници, таа солидарност и решителност да се пружи помош, иако сите знаевме со што ќе се соочиме таму и какви слики не очекуваат. На крај, беше одлучено девет лица да заминеме во Турција. Околу тоа кои беа нашите први впечатоци кога пристигнавме таму, во реонот разурнат од земјотресот, не би можел да ги најдам вистинските зборови. Ние трагавме низ рушевините по евентуално преживеани граѓани, но за жал постојано наоѓавме и вадевме мртви тела. Роднини на затрупаните луѓе беа постојано околу нас, тоа се моменти исполнети со помешани емоции, страв, очекување, и секако надеж дека нивните блиски ќе бидат по некое чудо извлечени живи… Не се долуваат емоциите, кога вадевме нечие тело, а роднините ни приоѓаа со огромна благодарност бидејќи ете, сме успеале да им ги пронајдеме телата на блиските, за да можат да ги погребаат. Жално, прежално, тешко… Многу тела извадивме – раскажува Чадамов.

Појаснува дека работеле заедно со турските екипи, во смени од по осум, па и 12 часа. Сплотено, со тимска работа го давале својот максимум, додека околу нив биле присутни многу роднини на исчезнатите по кои се трагало.

-Таа емоција, тие слики, звуци, тој плач на преживеаните кога ќе се пронајдеше тело на нивни близок, тоа е нешто за кое тогаш, во тие моменти додека работевме, не бевме ниту свесни. Не носеше андреналинот и се трудевме да дадеме се од себе. Но, потоа, сите тие слики се враќаат, и тоа е нешто кое кое ќе го носиме со себе цел живот. Таква трагедија, такви жални глетки. Се надевам дека помладите колеги ќе можат да ги надминат сите тие тешки моменти на кои сведочевме. Се вративме назад, но мислите ни останаа со турското население – раскажува.

Вели дека населението кое било покај нив додека трагале по настраданите им било преблагодарно. Ги ословувале со зборот ,„браќа“, и ги гледале со огромна почит.

-Ние, нашата екипа, уште пред да тргнеме бевме решени да се бориме како за свои луѓе, не се штедевме додека трагавме, иако се работеше и за опасни ситуации. Локалното население тоа веднаш го забележа. Кога им кажавме дека сме екипа од Македонија, не престанаа да не ословуваат со „брате“. Кога дојде време да си одиме, многумина од нив дојдоа кај нашите кампови да се збогуваат и да се заблагодарат, да ни оддадат почит. Тогаш еден од колегите предложи пред заминување да донираме и крв. Сите веднаш прифативме. Но, од надлежни лица ни беше кажано дека според тамошните закони, не можело лица од друга земја да бидат дарители. Да не постоеше таа пречка, и крв ќе дадевме, едноставно гледавме да бидеме што е можно повеќе од корист за населението – вели Чадамов.

Додава дека трагедијата не може на никаков начин да биде ублажена, но како утеха му се моментите на неверојатна сплотеност и солидарност, на тимската работа и на пожртвуваноста која ја покажале пожарникарите.

-Да се даде акцент на таа огромна сплотеност која ја донесе овој ужасен настан, бидејќи токму тоа е она кое дава верба и надеж во човечноста- ни изјави Чадамов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости