Повеќе од 500 стрипови денеска, од 10:00 до 15:00 часот, бесплатно ќе бидат поделени во стрип-книжарницата „Бункер“ во Скопје во рамки на „Ден на бесплатни стрипови“.
По 2017 година, стрип книжарницата „Бункер“ повторно организира „Ден на бесплатни стрипови“.
Се работи за манифестација која првпат се одржа во Соединетите Американски Држави во 2002 година, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите шест години поделени се повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји. Целта е промовирање и ширење на стрип-културата.
Во „Ден на бесплатни стрипови“ се вклучуваат и голем број на домашни издавачи и поединци. Стриповите ќе бидат делени по принципот „прв дојден, прв услужен“. Секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа.
Покрај бесплатните стрипови, стрип-книжарницата „Бункер“ ќе понуди и 30 отсто попуст на целокупниот асортиман.