Ќе плаќа ли Македонија по 250 евра за мегаватчас струја од Нова година?

by Fokus 17:04
17:04

ЕВН хоум распиша нов тендер за набавка на 3.621 гига вати струја, откако на првиот тендер не учествуваше државната компанија ЕСМ, иако има законска обврска да обезбеди 60 отсто од потребните количини за домаќинствата од домашното производство.

Според законот за енергетика ако и на вториот тендер ЕСМ заради состојбите во кои се наоѓа компанијата, а тоа е 25 ноември, не успее да обезбеди домашна струја по 37 евра за мегават час, ЕВН хоум ќе биде принуден да ја набави целокупната потребна количини на слободен пазар, каде што еден мегават се продава по цена и од 250 евра. Таквата ценовна разлика ќе предизвика дополнителен притисок врз цената на струјата за домаќинствата, која според најавите секако ќе се зголеми двојно на почетокот на следната година.

- Advertisements -

Владата не виде ништо спорно во тоа што ЕСМ не учествуваше на првиот повик бидејќи како што тогаш рече министерот Бектеши може да има втор па и трет оглас пред да се формира цената на електричната енергија за тарифните потрошувачи од страна на РКЕ. Најважно според него е да се утврди цената на домашното производство и да се зголеми ископот на јаглен.

Цената ја одредува Владата, а не ЕСМ. Ја очекуваме анализата на ЕСМ и во момент кога ќе се достави до Владата, Владата ја одредува цената со која ЕСМ ќе влезе во тендерот на ЕВН Хоум. Тие веќе прават калкулации за наредните шест месеци и во моментот кога ќе стигне предлог од страна на ЕСМ ние како Влада ќе ја утврдиме цената која ќе биде за домаќинствата и за малите потрошувачи за наредните шест месеци, рече минатата недела Бектеши.

Според убедувањата на Владата капацитетите ќе работат според планот, со Стопанската комора се работи на набавка на мазут за ТЕЦ Неготино а од 1 декември ќе биде пуштен во употреба РЕК Осломеј.

Состојбата во енергетиката е во деликатна состојба. Производството е во лоша кондиција, а за да надополни потребните количини МЕПСО неколку пати преземал балансна енергија од европските преносни системи, кои деновиве ќе мора да се платат.

Заради тоа компанијата веќе петти пат е опомената за недозволено преземање на балансна енергија.

За да интервенира државата веќе најави прогласување на енергетска криза, која ќе даде правна рамка за трансфер на средства од државата во енергетскиот систем, со што ќе се надополни загубата, која според проценките за еден квартал изнесува 150 милиони евра.

Растот на цената на електричната енергија на светските берзи и лошата состојба со акумулациите и домашното производство, се повеќе прави притисок на цената за домаќинствата која се очекува двојно да порасне по Нова Година.

 

Поврзани новости