Ќе мрдне ли со прст Владата за поранешните вработени во ОХИС да ги добијат заостанатите плати?

by fokus

Откако во јавноста излезе информацијата дека дел од некогашниот хемиски гигант ОХИС е продаден и на сметката се легнати околу 7 милиони евра, кај поранешните вработени се јави трошка надеж дека конечно ќе им бидат исплатени 24-те заостанати плати. Но, надежта за кратко се претвори во бес, откако до нив стигна информација дека парите од продажбата ќе бидат искористени за чистење на хемикалиите од кругот на фабриката.

Од Министерството за економија за „Фокус“ потврдија дека при самата продажба е прифатена и најповолната понуда за чистење на хемикалиите.

-Третата електронска аукција (во која покрај другото предмет на продажба беше управната зграда) е успешно завршена и имотот е продаден во стечајната постапка. Воедно, при продажбата на имотот по објавениот оглас од страна на стечајните доверители  беше прифатена и понудата на најповолниот понудувач за отстранување, дислокација чистење на хемикалиите  од погоните (но не и  линданот) од кругот на некогашната фабрика, се вели во одговорот од Министерството за економија.

„Фокус“ испрати прашање и до Владата: „Бидејќи поранешните вработени најавија дека ќе протестираат и пред Владата и ќе бараат помош, кој е ставот на Владата и што ќе направи за да им помогне на работниците да си ги остварат своите права и да ги добијат своите плати?“.
Но, одговор на ова прашање не добивме, туку не препратија кон Министерството за економија, кое било надлежно за случајот, иако беше побаран став конкретно од Владата.

Впрочем, денеска поранешните вработени го реализира најавениот протест пред владината зграда, кадешто беа и примени, но излегоа разочарани. Рекоа дека оттаму не добиле никакви одговори и најавија голем протест за наредниот вторник.

Претходно, дел од поранешните вработени во изјава за „Фокус“ рекоа дека не може со нивните заработени пари да се чистат хемикалиите.

-Парите од продажбата се легнати на сметка, но сега слушаме дека сакаат да ги пренаменат. Бараме помош од Синдикатот. Најавуваме дека ќе го интинзивираме протестот, дека ќе кршиме, ќе лупаме по тенџериња и ќе палиме ако нема слух за нашите барања да ни се исплатат платите што ни ги должат, велат сегашните стечајци.

Во изборната кампања за локалните избори, премиерот Зоран Заев зборуваше дури и за можно рестартирање на пропаднатиот хемиски гигант.

И додека поранешните вработени водат битка да ги добијат своите плати, откако ОХИС не работи, на неговиот имот под кирија работат преку 50 фирми. Непознато е каде завршуваат парите од киријата и кој го давал имотот под наем изминативе години додека трае стечајната постапка.

К.С.

 

Поврзани новости