Дел од менаџерите и вработените во казината излегоа денеска пред Собранието да им порачаат на пратениците да не го гласаат предложениот Закон за игри на среќа. Доколку дојде до тоа и стапи во сила решението за дислокација на казината и автомат-клубовите од градските средини, нивната индустријата ќе крахира, се жалат од овој сектор. Тие сметаат дека обврската, објектите да бидат 500 метри оддалечени од образовни институции е чист популизам.
-Не е точно дека малолетниците ќе бидат повеќе заштитени ако автомат-клубовите се дистанцираат на 500 метри од образовните објекти. Ваквиот концепт е целосно промашен и претставува предизборен популизам. Малолетниците пешачејќи или превезувајќи се до училиштето каде посетуваат настава, повторно ќе мора да поминуваат покрај објектите каде се организираат игри на среќа, рече Горан Стојменов, Асоцијација за игри на среќа.
Директно вработени во овој сектор има 10 илјади лица, но според информациите, индиректно се вклучени од 50 до 100 илјади вработени соработници, добавувачи и слични дејности од кои зависи целата индустрија.
-Нема ниту еден записник дека некој малолетник е присутен во нашите објекти. Така што децата, малолетниците се 100 отсто заштитени од наша страна, од вработените и од организаторите на игри на среќа, рече Тања Трповска, Вработена во казино.
Пресметките на компаниите од оваа дејност се дека ако мора да се дислоцираат, тогаш државата ќе губи по речиси 300 милиони евра годишно. Од секторот прашуваат дали за да се заштитат децата од алкохол, ќе се дислоцираат и продавниците надвор од градовите. Инаку, освен за казината и покер-апаратите, овие правила би важеле и за спортските обложувалници.