Албанија од следната недела почнува теренска вакцинација

by Fokus

Албанската министерка за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу најави дека следната недела мобилните единици за вакцинација ќе започнат имунизација против ковид-19 во подрачја каде граѓаните сè уште не биле вакцинирани, јави дописничката на МИА од Тирана.

-Мобилните единици за вакцинација се подготвуваат и почнувајќи од следната недела ќе бидат на терен за да извршиме вакцинација на заедниците кои сè уште не биле во можност да го направат тоа, рече Манастирлиу при престојот во Љушња, каде одблиску го следеше процесот на имунизација.

Таа додаде дека во моментот се вакцинираат лица над 50-годишна возраст, дека во овој и следниот месец ќе продолжат отворените денови во кои се дава можност да бидат вакцинирани лица над 18-годишна возраст.

Апелирајќи до граѓаните да се вакцинираат со цел до есен да има што поголем број вакцинирани граѓани, Манастирлиу рече дека почнале со имунизација на стари и немоќни лица и на лица со попреченост во нивните домови.

-Нашата кампања за вакцинација ќе продолжи со висок интензитет. Дури и во текот на овие летни месеци ќе продолжиме не само во здравствени центри или вакцинални пунктови, туку веќе започнавме да бидеме во заедниците, блиску до сите оние кои немаат можност да дојдат во здравствениот дом и тие се вакцинираат дома. Особено за постарите и немоќни лица, како и за лицата со попреченост. Затоа, веќе сме организирани со сите здравствени домови, со нашите теренски групи да продолжиме со вакцинацијата и да не престанеме се додека не се вакцини и последниот наш граѓанин, рече Манастирлиу.

Таа информираше дека до денеска со процесот на имунизација во Албанија се опфатени вкупно 974.486 лица, при што 407.402 се ревакцинирани.

 

Поврзани новости