Кавадарци се сеќава на Зоран Дамјанов: Беше нашиот Тома Здравковиќ!

by Фокус

На годишнината од смртта на фолк-музичарот Зоран Дамјанов, неговите сограѓани се сеќаваат на неговите лик и дело. На Радио Кавадарци деновиве се емитува прилог посветен на фолк-пејачот, а на социјалните мрежи посветени на градот се споделуваат негови песни и статуси во кои граѓаните си спомнуваат за неговата големина како музичар, но и како човек.

Покрај авторските песни на Дамјанов, се споделуваат и негови обработки на познати балкански нумери, но и сплет на песни отпеани од него, кои биле постхумно доработени и промовирани. Кавадарчани тврдат дека тој ги опеал сите свои емоции во песните и истакнуваат дека тој за време на неговиот краток живот успеал да остави вечен траг со музиката, со неговата љубов кон песната и пеењето од срце.

Младиот музичар ненадејно почина лани, во декември, на 43-годишна возраст. Доживеал инфаркт во локална кафеана, каде бил чест гостин, додека седел со пријатели. Негови колеги од естрадата, соработници и пријатели, со емотивни пораки по повод годишнината од негова смрт му порачаа дека нема да биде заборавен и дека ќе живее преку песните.

Поради талентот за музика, но и боемскиот начин на живот, кавадарчани често го нарекуваа нивниот Тома Здравковиќ. Пред четири години, тој реши отворено да разговара за своите проблеми со зависноста од алкохол, па во интервју ни раскажа за пеколот низ кој што поминал, борејќи се против порокот.

Неговата искрена исповед го сврте вниманието на јавноста, бидејќи беше еден од ретките кој собра храброст јавно да разговара на темата и да открие дел од својата интима пред народот. Тогаш порача дека зависноста од алкохол кај нас е нешто кое најчесто се турка под тепих и рече како многумина сметаат дека е срамно искрено да се разговара за проблемот.

-Игнорирањето на зависноста од алкохолот никому не му прави добро и на некој начин себеси се гледам како среќен човек кој што навреме се соочи со вистината, а таа беше дека сум зависник и ми треба стручна помош за да си го спасам животот – ни изјави Дамјанов во интервјуто во 2014 година, потенцирајќи дека се решил да го прекине молкот и да ја раскаже својата приказна, со цел да им помогне на сите оние, кои се нашле во ситуација слична.

Исто така, тој емотивно раскажа дека е свесен како градот изгубил верба во него, и со сите сили се трудел по рехабилитацијата да си ја поврати изгубената доверба кај своите блиски, роднините, пријателите и сограѓаните.

Вики Клинчарова

Поврзани новости