Од вчера во функција е пуштено пајак возилото на ЈП Паркинг – Кавадарци, а првото непрописно паркирано возило врз кое се интервенираше, случајно или не, е од градот ривал, соседно Неготино.
Настанот предизвика лавина од коментари и шеги на сметка на возачот, но и општо, на неготинчани, на социјалните мрежи. Според ЈП Паркинзи – Кавадарци, вчера, на првиот ден во функција, пајакот имал многу работа. Биле отстранети шест возила, и без селекција се отстранувале сите автомобили кои биле паркирани на непрописни места. Тоа што неготинчанец го сефтосал пајакот, било чиста случајност.
Од таму велат дека се надеваат како конечно ќе се стави ред во хаосот кој што владее при паркирањето и неретко се узурпираат тротоарите, зелените површини, местата предвидени за паркинг на инвалидизирани лица и слично. Пајакот во Кавадарци ќе ги отстранува непрописно паркираните возила, возилата паркирани на зелени површини, како и хаварисаните автомобили, кои ќе ги транспортира до депото на Северен булевар. За возилата кои пајакот ќе ги однесе во депото, возачите ќе треба да платат 1.500 денари, додека пак ако возачот се појави на самото место, пред да му биде отстранет автомобилот, казната изнесува 1.000 денари.
Лежарината во депото за возило од ден изнесува 200 денари. Подигањето на возилата врз кои интервенирал пајакот може да се врши од понеделник до петок, од седум до 22 часот, и во сабота од седум до 15 часот.
Вики Клинчарова