Кавадарчани ќе го испратат Маршал Тито во заборав

by fokus

Александар Панов, градоначалникот на Кавадарци ќе го менува името на градскиот плоштад. Сегашното име ,,Маршал Тито,, ќе замине во историјата на градот, а новото ќе се избира од предлозите кои што граѓаните ќе ги достават на адреса на општината.

Вчера беше објавен јавниот повик, кој што ќе трае до дваесетишести август. Пристигнатите предлози ќе бидат селектирани  по што ќе следи Законска постапка на Општината за промена на името на градскиот плоштад.

Според Панов, преименувањето на улиците и плоштадите во општината е негова програмска определба која што добила зелено светло и од Советот на општината, кој пред неколку години изгласал одлука со која се усвоила листа на имиња на заслужни граѓани од Кавадарци, кои со своето дело оставиле траен белег во историјата на градот. Врз основа на таа одлука беа извршени промени на имињата на повеќе улици и булевари во Квадарци.

3db4159c-5346-4bcf-bd05-e98408ca9e0b

„По мое длабоко убедување Кавадарци и неговите граѓани заслужуваат плоштад чие име ќе го одразува духот на поднебјето и ќе потекнува од корените на славната кавадаречка историја.  Токму во тој правец е и мојот Јавен повик кон граѓаните, тие со нивни предлози активно да учествуваат во кумството на градскиот плоштад.

Морам да истакнам дека овој потег во никој случај не е негирање на нашата поблиска историја и периодот после НОБ.  Напротив, мојата одлука е мотивирана од длабоки патриотски причини, а во духот на времето во кое живееме. Целта е јасна, да бидеме „Свои на своето“ и да ги почитуваме и величаме нашите кавадаречки, тиквешки и македонски корени“ – стои во соопштението до јавноста упатено од градоначалникот.

Градскиот плоштад ,,Маршал Тито,, во Кавадарци пред неколку години беше комплетно реновиран и доби сосема нов лик. Новиот изглед на плоштадот се најде на мета на голем број на кавадарчани кои што реагираа и си го бараа назад зеленилото и сенките, и го изразуваа своето незадоволство на социјалните мрежи.

Вики Клинчаровска

Поврзани новости