Досие „Скопје 2014“: Луѓе, некој тука ни го оштетува буџетот, и тоа дебело!

by fokus

архиваТекстот е објавен во Фокус број 947 од ноември 2013 година

Луксузниот белег на оваа власт, официјално вреден 207 милиони евра (неофицијално, двојно повеќе), всушност е белег на преплатеност, скандали, таинственост, спорни (не)јавни набавки и на огромни сомнежи за злоупотреба на буџетските пари, сето тоа направено и стокмено на перфиден и суптилен начин, што човек просто може да им позавиди. „Фокус“ во ова досие за барокните споменици, згради и фасади опфаќа само дел од она што со години ни се случува пред очи, а ниту една надлежна институција досега не се осмелила да рече: „Луѓе, некој тука ни го оштетува буџетот, и тоа дебело!“     

Пишувале: Мери ЈОРДАНОВСКА, Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Во 2008 година можевме само да претпоставуваме, но ни во најбурната фантазија немаше да замислиме, дека Скопје за четири години ќе изгледа вака како што изгледа сега. Па, дури и да ја тргнеме настрана естетиката, уште поголема фантазија ќе ни требаше за да замислиме што сѐ се крие зад секој споменик, секој постамент, секој договор, анекс, секоја нарачана завеса, секој монтиран прозорец на барокните згради, па дури и зад секоја светилка што ни го осветлува патот кон тоа да откриеме кои сме и што сме.

Проектот „Скопје 2014“ дефинитивно е белегот на оваа власт, која себеси се претставува како демократска, транспарентна и инвестициска. За ова последново симнуваме капа, ако под инвестиции ги подразбираме спомениците, но првите две се ставаат под знак прашалник. Не постои нешто потаинствено од белегот на оваа власт. Во пожари гореа документи од луксузниот проект, хонорарите на авторите останаа тајна, скандали се отвораа на сите страни, странските медиуми нѐ следеа со подбив, италијанските леарници веќе не мораат ништо да работат зашто заработија доволно и за потомците на секој вработен, а Општина Центар (со Тодоровиќ), Министерството за култура и премиерот Никола Груевски со гордост сечеа ленти и редеа споменици, згради и барокни фасади.

Накусо, луксузниот белег на оваа власт официјално вреден 207 милиони евра (неофицијално, двојно повеќе), всушност е белег на преплатеност, скандали, таинственост, спорни (не)јавни набавки и на огромни сомнежи за злоупотреба на буџетските пари, сето тоа направено и стокмено на перфиден и суптилен начин, што човек просто може да им позавиди.

ТАЈНАТА БАРОКНА ВРСКА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ИТАЛИЈА

Тешко е да се навлезе во секоја пора на проектот „Скопје 2014“, особено ако се земе предвид неговата вредност и обемност, но не е толку тешко да се најдат финтите со кои „играле“ Општина Центар и Министерството за култура околу тендерите за избор на најдобриот понудувач.

Ако се тргне од јавните набавки за изработка на спомениците, според последната ревизија оваа „игра“ може да се подели на две поглавја – периодот од 2008 до 2010 година (кога немало електронска аукција) и периодот од 2010 до 2013 година, кога понудувачите се избираа преку електронска аукција, па постоеше можност цените во понудите да се намалуваат. Првиот период е можеби „најматниот“ период во оваа барокна приказна сплетена со народни пари.

Во овој период, главни играчи се неколку италијански фирми кои за енормно високи цени ги добиваат тендерите за лиење споменици. Едно лице ги поврзува двете главни фирми, „Фондериа Артистика Фердинандо Маринели“ и „Пјетро Базанти & Ф“. Станува збор за лицето Фердинандо Маринели, кое се крие зад двете италијански фирми.

Италијанската леарница „Фондериа Ф. Маринели“ била избрана да ги лие спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, Никола Карев, Воинот на коњ, четирите лава на мостот Гоце Делчев, Гемиџиите, споменикот на Првото заседание на АСНОМ и на основачите на МРО. Втората фирма, пак, „Пјетро Базанти & Ф“ била избрана да ги лие спомениците на Цар Самоил, Цар Јустинијан Први и на Методија Андонов – Ченто. Како што пишуваше „Фокус“ во 2009 година, уште пред италијанските фирми да ги добијат тендерите за лиење, се шпекулираше дека лиењето ќе се врши во Фиренца, а уметниците предупредуваа дека тоа ќе биде неколкупати поскапо отколку лиењето во Белград, Софија или во Загреб.

Наспроти ова, Општината се запна за Италијанците, па до 2010 година, секоја фирма, освен двете италијански леарници, била исклучувана од тендерите. Таков е случајот со фирмата РЖ Институт – Скопје, која секогаш давала пониска цена за лиење, но до 2010 година секогаш била исклучувана од непознати причини, иако имала целосна документација! Е, тука се доаѓа до податокот колку пари од буџетот ќе се заштеделе ако се изберела фирмата која од старт била исклучувана!

Па, така, за лиење на спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев, леарницата на Маринели дала понуда од 52,2 милиони денари (852 илјади евра), а РЖ Институт од 24,6 милиони денари (402 илјади евра), понуда која е за 112 отсто пониска! Освен тоа, понудата на Италијанците била напишана на англиски јазик, на италијански јазик и на очајно лош македонски јазик, по што реално се поставува прашањето: како воопшто комисијата ги разгледувала понудите!? И покрај сето ова, италијанската леарница победува на тендерот и лиењето почнува!

barok most oko

Потоа следува нова епизода, тендер за лиење на споменикот на Методија Андонов – Ченто. „Пјетро Базанти“ дава понуда од 47,8 милиони денари (779.885 евра), а „Пјеро Занела“ од 14,6 милиони денари (238.436 евра). Втората фирма веднаш се исклучува, иако е поевтина за дури 227 отсто од првата!

За споменикот на основачите на МРО, победува фирмата „Фондериа Ф. Маринели“, иако нејзината понуда е за 179 отсто поскапа од онаа на РЖ Институт. Слична е ситуацијата и со лиењето на споменикот на Првото заседание на АСНОМ, каде што РЖ Институт отпаѓа, иако има за 99 отсто поевтина понуда од Италијанците (48,4 милиони денари наспроти 96,3 милиони денари).

НАМЕСТО ЛЕАРНИЦА, ПОБЕДУВАЛА ФИРМА ШТО ТРГУВА СО СЛИКИ И СО СТАРИ ПАРИ!

Ако се соберат сите овие суми потрошени за лиење на спомениците до 2010 година, се доаѓа до фасцинантна сума од 8 милиони евра, која можела да биде заштедена од буџетот ако се прифателе поевтините понуди. А, тука зборуваме само за лиењето! Според последниот извештај од ревизијата за „Скопје 2014“, повеќе од евидентно е фаворизирањето на двете италијански фирми на Маринели наспроти сите други што конкурирале на тендерите за лиење на спомениците.

Па, така, според последните извештаи од ревизијата за „Скопје 2014“, се гледа дека понудите на двете италијански фирми им биле прифаќани, иако немале доставено банкарска гаранција за учество на тендерите. На овие понудувачи им било дозволувано банкарските гаранции да ги доставуваат со подоцнежен датум. Кој го прави и го дозволува тоа, ако не е сигурен однапред кој ќе биде победникот?!

spomenik15

Која и каква е релацијата на двете фирми со Македонија, останува неизвесно. Она што може да се види како податок од Централниот регистар на Италија е дека двете фирми, „Фондериа Ф. Маринели“ и „Пјетро Базанти“ се, всушност, сестрински фирми – првата е леарница, додека втората е регистрирана единствено за трговија со скулптури, трговија со антички слики, стари пари и предмети од ископини. Никаде во регистрацијата не е напишано дека „Пјетро Базанти“ се занимава со лиење, па оттаму отворено е прашањето како оваа фирма победувала на тендерите за лиење, а сите други понудувачи биле елиминирани во ситуација кога фирмата-победник не е регистрирана да ги врши работите содржани во тендерската документација?!

Ако се направи пресметка за тоа колку, всушност, италијанските фирми „ќариле“ од Македонија само за лиење, се доаѓа до бројка од 14,2 милиони евра! Оваа сума е за 487,9 милиони денари или околу 8 милиони евра повеќе од она што реално било понудено и што можело да се добие како цена од другите понудувачи. Толку можело да се заштеди од буџетот на општината, но зошто да се штеди кога станува збор за пари на граѓаните?!

ЗА ЛИЕЊЕ БАРАМЕ 732 ИЛЈАДИ ЕВРА, АМА МОЖЕМЕ И ЗА 275 ИЛЈАДИ

На овој начин течеле тендерите до 2010 година. Италијанците се јавуваат со понуда преведена на „Гугл транслејт“, сите други веднаш се елиминираат и од буџетот на Општина Центар си се одлеваат милиони евра народни пари. Зошто не биле земани предвид другите понуди, дали општината имала вишок пари што морала да ги троши или станува збор за нешто друго е прашање кое допрва треба да се испитува и да се разоткрива.

Но, она што несомнено паѓа в очи е начинот на кој двете италијански фирми во 2010 година, кога почнуваат електронските аукции, буквално „испаруваат“! Оттогаш, кога се јавуваат на тендерите и кога се во „битка“ со РЖ Институт Скопје или со леарницата „Јеремиќ“ (која првпат се појавува во 2010 година), како по правило губат. Потоа, тие не се јавуваат со понуди, ги снемува на тендерите, и тука завршува скапото лиење на Италијанците во Македонија.

Како и да гледате, италијанските компании си ќариле бајаги, па низ скопските кругови се врти шегата дека дефинитивно во Италија треба да биде поставен споменик на македонскиот премиер Никола Груевски.

Од 2010 до 2013 година, веднаш откако престанала практиката на елиминирање на понудите од другите учесници, односно кога се почнало со евалуација и на други фирми, на тендерите почнуваат да се јавуваат и други фирми.

spomenik4Електронска аукција значи можност да се намалуваат цените, па ако се погледнат извештаите, ќе се види што прават конкуренцијата и вистинското пазарно општество. Па така, на јавната набавка за споменикот на паднатите херои имало пет учесници, а јавната набавка ја добива леарницата „Јеремиќ“ од Србија. Во првичната понуда Јеремиќ имал највисока цена од 44,9 милиони денари (732 илјади евра), но кога почнала електронската аукција, во негативното наддавање со другите учесници Јеремиќ ја симнал цената на 16,9 милиони денари (275 илјади евра). Замислете го само ќарот на леарницата „Јеремиќ“ ако немало електронска аукција и негативно наддавање – таа ќе си добиела тендер од над 700 илјади евра, иако сигурно има голем ќар и од добиените 275 илјади евра!

Доволно е само да се земе предвид фактот дека споменикот на Скендербег, кој, патем, исто така е излиен во бронза и има големина колку поголем дел од останатите споменици чинеше само околу 80.000 евра. Ако целокупната негова изработка чинеше толку, а, сепак, некој морал да има ќар, колку ли ќар имале леарниците од Италија и од Србија кои си начекале плодна почва во Македонија за садење споменици!

КИРИЈАТА ЗА ХАНГАРИТЕ СЕ ПЛАЌАЛА И 4 ПАТИ ПОСКАПО

Чувството дека спомениците од проектот „Скопје 2014“ се преплатени не се јавува само при анализирањето на победничките договори за лиењето. Ист е сомнежот и кога се „чешлаат“ авторските договори за изработка на макетите на спомениците, а кои, во четири очи, скулпторите ги склучувале со Општина Центар.

Доволно е да се фрли само еден поглед врз овие податоци, објавени  во владиниот отчет за проектот, за да се забележи дека на авторите дебело им биле исплаќани трошоци кои не се реални и докрај јасни. Парите за комуналии, материјали, простор, ангажирање на работници, авторски хонорари, ги добивале на купче, а никој не им барал сметка или објаснување за да докажат дека добиените пари ги потрошиле транспарентно. Работата излегува − еве ви пари, дајте некој споменик!

Па, така, без „домаќински усул“, поголемиот број од нив изнајмувале хангар, простор каде што ги изработувале макетите, за цена од 6 евра по квадратен метар, и тоа во ситуација кога пазарната цена за таков простор е од 1,5 до 2 евра за квадратен метар. Поточно, податоците покажуваат дека авторите плаќале месечна кирија од 333 евра, па сѐ до неверојатни 3.000 евра. По ова, останува нејасно зошто, кога најчесто во сите случаи станувало збор за петметарски споменици, се изнајмувале простории со енормни разлики во цените?

kamera novinari skopje spomenikЗа хангарот кој бил најмен за споменикот на Никола Карев, за седум месеци се потрошени 15.000 евра, а за исто толкав период, киријата за Јустинијан Први била пониска за дури три илјади евра. За простор, за изработката на двата од четирите лава на мостот Гоце Делчев, авторите Дарко и Елена Дуковски, за седум месеци потрошиле 21.000 евра. За другите два лава, пак, авторот Константин Јанев изнајмил хангар за 18.000 евра, но без да се посочи за колкав временски период.

Дел од авторите, пак, со една заедничка сума, без проблем, ги оправдале трошоците за хали и за комуналии. Така, за изработка на макетите на спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, за осум месеци биле потрошени 30.000 евра за простор и сметки за струја и за вода. По петстотини евра месечна кирија плаќал авторот на споменикот на Гемиџиите, а во оваа цена била вклучена и глината за изработка.

Авторот Кирил Мукаетов, пак, работел најдомаќински. За изработка на неговото дело „Македонските бранители“, успеал да најде хала за 333 евра, а притоа во таа цена се вклучени и комуналиите. Значи, се можело!

Покрај огромните разлики во цените за изнајмување на халите, кои, според пазарната цена, треба да бидат речиси идентични, в очи паѓаат и идентичните трошоци за изработка на два различни споменика. Така, за Цар Самоил и за Методија Андонов-Ченто, до денар биле потрошени исти суми за кирија, струја, храна и за пијалаци. За деветмесечна кирија се издвоени 16.200 евра, за струја 2.250, а за храна и за пијалоци по 9.000 евра. За овие споменици е заедничко и тоа што ги изработувал ист автор, Димитар Филиповски.

ИЗРАБОТУВАЛЕ ПОМАЛИ РЕЛЈЕФИ, А НАПЛАТУВАЛЕ ПОСКАПО!

На „жими мајка“, без доставување сметки и без отчет, под ставката „ситни трошоци и услуги“, на авторите им се исплаќале и до 5.000 евра. Според најновите податоци на ревизорите, во пресметките за изработката на „Македонските бранители“, авторот Кирил Мукаетов навел дека потрошил 5.000 евра за „други ситни материјали и услуги“. Останува нејасно кои се тие други ситни материјали и услуги, кога во пресметката се наведени ставки за сите можни трошоци. Друг автор, пак, потрошил 17.000 евра за соработници и за други работници, без да наведе за колку лица станува збор и за колкав период биле ангажирани.

Експертите што ги ангажираше градоначалникот Андреј Жерновски се сомневаат и дека авторите, при изработката на релјефите за спомениците, наплаќале како да изработувале поголеми површини од реалните. За таков пример се посочува изработката на споменикот „Св. Кирил и Методиј“. На авторот му биле исплатени 3.500 евра за 2,5 квадратни метри релјеф, кој воопшто не бил изработен. Оваа фиктивна површина дополнително била наплатена и при лиењето на релјефите.

Нејасни се пресметките и за релјефите на споменикот на Александар Македонски бидејќи во пресметката на авторот стои дека релјефот има површина од вкупно 225 квадратни метри, а во тендерот за лиење се наведува дека треба да се излие површина од 137 квадратни метри. Кога нешто се намалува, по сите логики, треба да се намали и наплатената сума, бидејќи не е исто да купиш стан од 200 квадратни метри и стан од 100 квадратни метри, нели?

lav spomenik

По сѐ изгледа, и другите автори, намерно или ненамерно, ја правеле истата грешка. Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај два лава, требало да изработи и 34 квадратни метри релјеф, но од записникот за примопредавање излегува дека изработил за 5,92 квадратни метри помала површина од договорената. Толкава површина недостасувала и кај релјефите на авторите Дарко и Елена Дуковски, кои биле задолжени за другите два лава.

„Ако се има предвид дека во нивните пресметки тие за релјефите побарале по 1.500 евра за еден квадратен метар, произлегува дека само по овој основ авторите неосновано наплатиле вкупно 17.760 евра“, констатираат антикорупционерите ангажирани за ревизија на проектот.

Од ова може да се заклучи дека во Општина Центар немало соодветна контрола за тоа дали авторите ги изработиле моделите според видот и количините кои однапред биле договорни, но и платени.

ФИЛИП ВТОРИ ИЗГРАДЕН НЕЗАКОНСКИ?

Со постојаното надградување и проширување на проектот „Скопје 2014“, постојано растеа и апетитите на неговите иновативци и реализатори. Па, така, без почитување на законските процедури, според државните ревизори, но и според експертите што ги ангажираше Општина Центар да извршат ревизија на проектот, биле зголемувани димензиите на спомениците, со што правопропорционално растеле и нивните цени.

Според првичната замисла, односно според конкурсот за идејно решение, споменикот на Филип Втори требало да биде претставен со монументална скулптура на воин со фонтана. На конкурсот победила авторката Валентина Каранфилова – Стевановска, која понудила композиција од пирамидален тип, со централна позиција на фигурата и нејзино нагласено значење.

Меѓутоа, при преговарањето на авторката со Општината, доаѓа до драматично менување на проектот, па од првобитната замисла се оди многу подалеку и се заклучува да се изградат, не една, туку четири фонтани, а војсководецот Филип да биде придружуван со повеќе скулптури, коњи и лавови. Со новите збогатени содржини морал да се збогати и предвидениот буџет од 500.000 евра, па така, само за надоместок на авторката договорен е буџет од 1,5 милион евра. Ако на ова се додаде и цената на лиење на спомениците од речиси три милиони евра, се доаѓа до вкупна сума од 4,5 милиони евра, и тоа без цената за градежната изведба на фонтаните.

Olimpija i Filip (2)

Ваквото менување на планот е незаконско бидејќи е во спротивност со член 106 од Законот за јавни набавки, според кој, учесниците на конкурсот однапред требало да бидат запознаени со сите информации, услови, правила или критериуми за изборот на идејното решение. Според експертите, овој конкурс морал да се поништи бидејќи не биле направени мали интервенции, туку целосно била сменета проектната програма. И според објаснувањето од Државниот ревизор, овој конкурс морал да се поништи, а постапката да биде повторена бидејќи откако не била доделена прва награда, било решено да се работи со второнаградениот конкурсен труд.

На сличен начин растела и цената на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто. Општинарите предвиделе дека за оваа изведба ќе бидат доволни 65.000 евра, но според евиденцијата на Општина Центар, на авторот му биле исплатени 161.000 евра, а за изработка на скулптурата во мермер се потрошени над еден милион евра. Ова покажува дека вредноста на авторството за споменикот пораснала за неверојатни 150 проценти!

ЗОШТО АМИН НА СПОМЕНИЦИТЕ ДАВАШЕ ЦЕНТАР, А НЕ СОБРАНИЕТО?

Стотиците тони бронза и мермер, излеани во споменици, стојат на стаклена подлога и кога ќе се разгледа правната процедура, односно законитоста на нивното подигање.

За изградбата на грандиозниот споменик на Александар Македонски, како и за другите спомен-обележја подигнати во периодот од 2007 година, па сѐ до денес, требало да одлучува Собранието, а не Општина Центар. Ова за експертите, ангажирани од новиот градоначалник, Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, е јасно како ден бидејќи одлука за подигање меморијални споменици може да донесе единствено Собранието на Македонија, согласно член 3 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

„Општините можат да дадат средства за меморијални споменици кои ги прави Собранието, но не и спротивно. Општината не може да подига спомен – обележје на трошок на Буџетот на Републиката“, децидна е ревизорската комисија.

Skopje2014 cool2Поради ова, Тасева и Малиновски сметаат дека на незаконски начин се потрошени 58 милиони евра за споменици, кои од централниот буџет беа префрлени на сметката на Општина Центар.

Но, наместо реакција од надлежните институции, кои ќе го запрат прекршувањето на законот, поставувањето на спомениците продолжи непречено и со засилено темпо. Па, така, неисцрпно течеа иницијативите од Министерството за култура, кои, наместо со одлука на Собранието, беа градени со одлука на Советот на Општина Центар. А, освен иницијативи, од Министерството течеа и пари. Уште на стартот на проектот, од буџетот на Министерството беа префрлени девет милиони евра на Општина Центар. А, овие и останатите средства кои Министерството ги вложи во проектот, пак, се излеваа под параванот на заштита на културното наследство?!

Правдајќи ја својата итроштина, од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Центар не поставувала меморијални споменици, туку сите споменици биле од локално значење, со што неспретно му ја намалија грандиозноста на македонскиот војсководец Александар Македонски.

Власта и на друг начин, преку именувањето на спомениците во спомен-обележја (што значи бисти, скулптури, фонтани, кои одбележуваат настани и личност од локално значење), сакаше да ја покрие ујдурмата. Можеби затоа и долго време власта не признаваше дека ги поставува Александар Велики или Филип Втори, туку ги прекрстуваше во „Воин на коњ“ или само „Воин“. Но, факт е дека нивното прекрстување не ја менува суштината оти Општината поставувала меморијални споменици.

Тука неизбежно е да се постави прашањето зошто власта инсистираше Општина Центар да одлучува кои споменици ќе се постават, а не му го призна тоа право на Собранието? Одговорот се крие во гласањето „по Бадентер“, односно за да се постават овие стотина споменици, рака требало да кренат и пратениците од етничките заедници, што однапред било оценето како невозможна мисија, додека гласањето во Општина Центар одело како подмачкано.

Општина Центар, според комисијата, немала надлежност ниту да гради мостови бидејќи одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови на градот се под надлежност на Град Скопје. И покрај овие забелешки, Општина Центар изгради два моста: мостот „Око“, вреден 1,9 милиони евра и Мостот на уметноста, вреден 1,1 милион евра.

Додека Општина Центар, за време на градоначалникот Владимир Тодоровиќ, без приговор ја презема надлежноста за проектот, градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, се чини како намерно да се дистанцираше од проектот. А, нели, според логиката на нештата, повеќе ќе му личеше на градот да го управува барокното кормило бидејќи, нели, и проектот е наречен „Скопје 2014“, а не „Центар 2014“. Дека Трајановски бега од проектот, како што вели народот, „како ѓавол од крст“, забележала и советничката Софија Куновска, која во интервју за „Фокус“ истакна дека градоначалникот се прогласил за ненадлежен, посочувајќи дека градот има минорно финансиско учество со околу 5 милиони евра.

– Јас би прашала: дали е нормално на градоначалникот Блумберг да му се случи менување на лицето на неговиот град, на Њујорк, а тој да проба да изјави дека не е надлежен за тоа?! Дали е можно, фасадата на зградата на ОН да се претвори во барокна и за таа приказна Блумберг да се прогласи за ненадлежен, а Советот на Град Њујорк да изгласа дека не го интересира што се случува со зградата и со градот?“, коментираше советничката Куновска.

АНЕКС-ПРОЕКТ „СКОПЈЕ 2014“

И по сето ова, невозможно е да не се вратиме назад во времето, кога почна да се крчка проектот „Скопје 2014“. Иако веќе Италијанците почнале да си „кешираат“ пари од проектот, во февруари 2010 година премиерот Груевски, мирно и со скрстени раце, пред пратениците си кажа дека целиот проект ќе чини 80 милиони евра!

Проектот „Скопје 2014“ нема да чини двесте, туку 80 милиони евра. Реализацијата на проектот, ако се има во предвид дека ќе се спроведе во осум буџетски години, значи дека нема да бидат ангажирани големи средства – изјави Груевски на 25 февруари 2010 година.

Или некој го излажал, или самиот се лажел, бидејќи според досегашните пресметки, 80 милиони евра тежат само анексите на договорите за луксузниот проект.

По легендарната изјава на Груевски се направија многу ребаланси на Буџетот, се додадоа многу анекси на договорите, се појавија чудо непредвидени работи, а богами и непредвидени споменици и објекти го дополнија и надградија „Скопје 2014“. Па така, со темпо во манирот на „брзи и бесни“, осумдесетте милиони станаа и повеќе од двесте милиони евра во тврда градба (претежно барокна, нормално).

Посебен белег врз легендарниот проект оставија анексите на договорите. Проектот „Скопје 2014“ слободно можеме да го наречеме анекс-проект, бидејќи на тој перфиден начин од Буџетот беа исцрпени стотици милиони евра. Поимот „непредвиден трошок“ ги збуни сите градежници и сите граѓани кои си градеа куќи во овој период. Но, ова најверојатно е еден од најманипулативните, но законски, начини како да се добие на тендер. Се добива според најниската понудена цена, а потоа договорот се пумпа со анекси за непредвидени трошоци кои, ни повеќе, ни помалку, изнесуваат 29 отсто (од дозволените 30 отсто од основниот договор).

skopje-vivi-tomi-1

Колку за илустрација, на име на непредвидени трошоци, на пример се одлеаја 112.000 евра во фирмата „Бетон – Штип“ за „набавка, изработка, испорака, инсталација, монтажа, испитување и пуштање во работа на опремата и инсталациите предвидени во основните проекти за Стариот театар“.

Се поставува прашањето, како е можно како непредвидена работа да се третира набавката и пуштањето во работа на опремата?! Секој лаик, кој не знае да разликува гипс од бетон, сигурно ќе знае дека набавка и испорака на опрема и нејзино пуштање во употреба треба да биде составен дел од секој договор кога се гради објект.

Што завеса ќе беше од половина милион евра (па нека е и огноотпорна), таа за стариот театар, остана прашање кое сѐ уште нѐ чуди. Отворено остана и како е можно под „непредвидени трошоци“ да спаѓа и местењето прозорци на објектите?! И тоа, секогаш сумата беше иста – 29 отсто од законски предвидените 30 отсто од основниот договор. Лукаво, нема што!

ЈАНКУЛОСКА! НЕЛИ Е ОВА „ЗЛОУПОТРЕБЕН БУЏЕТ“?

Додека спомениците се лиеја во Италија, се склопуваа во најскапи хангари и се редеа анекс-договори, се изнагледавме едно чудо апсења, а министерката Гордана Јанкулоска гордо ги најавуваше своите достигнувања: „Лицето X беше приведено поради сомнеж дека го оштетило Буџетот за стотици илјади евра!“ Прашањето е зошто никогаш Јанкулоска не излезе да каже колку се оштетени буџетот на Македонија и буџетот на Општина Центар за „Скопје 2014“ преку недомаќинското трошење пари на општината, преку непазарните постапувања при јавните набавки, преку фаворизирањето на фирмите, кои понудите си ги преведувале на „Гугл транслејт“ и секогаш победувале, без разлика на цената?

Никогаш не слушнавме дека буџетот е оштетен, напротив, сѐ што слушнавме е дека проектот „Скопје 2014“ ќе ни донесе многу туристи, дека, ете, нешто се градело и дека треба да сме горди на својот идентитет. На моменти нѐ збунуваа бидејќи се прашувавме каков тоа идентитет ни градат Триумфалната порта или ангелите, коњите, лавовите и облечениот Прометеј, но нејсе, решивме за вкусовите и за идентитетот да не расправаме.

Но, можеме и мораме да расправаме за она што е наша должност, а тоа е да знаеме како се делеле тендерите, зошто се пумпале анексите, зошто се фаворизирале одредени фирми, зошто националните херои се спуштија на локално ниво и зошто никој не одговара за тоа? Нели е тоа „оштетување на буџетот“, како што знае гордо да најави министерката Јанкулоска кога ќе открие наводна злоупотреба?

За надлежните институции, како што се Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија, проектот „Скопје 2014“ е чист како солза, па најверојатно и затоа не сакаат да го отворат, за случајно да не го заматат. За овие пет години, додека трае барокната окупација на центарот на Скопје, до нивна адреса беа упатени десетици апели, а неодамна, по смената на власта во Општина Центар, добија нова задача. Повторно да ѕирнат во проектот, кој официјално тежи 207 милиони евра, а неофицијално, двојно повеќе.

Градоначалникот Андреј Жерновски побара Обвинителството да ги разгледа документите, според кои, 1,5 милион евра биле потрошени за патувања во странство, а се разбира оваа „жртва“ била направена за реализација на проектот. Според документите, 57 лица на товар на Општината патувале во Фиренца, Верона и во Милано, а од авторите, само скулпторката Валентина Каранфилова – Стевановска, патувала 25 пати. Покрај патувањата, од Општината се надеваат дека Обвинителството сериозно ќе ги прочешла и документите од извршената прва ревизија на проектот, од ревизорите Тасева и Малиновски.

На обвинувањата за криминал во барокниот проект, засега глуви останаа и од Антикорупциската комисија.

Единствено досега цехот го платија само тројца вработени во Министерството за култура, кои по обелоденувањето на аферата „Патриотска метла“, односно откако исчезна дел од тендерската документација за дел од градбите, заработија кривични пријави. Министерката Елизабета Канческа – Милевска едноставно се огради од скандалот, кој на почетокот упорно го негираше!

Како и да е, проектот „Скопје 2014“ не е завршен, по ниту една основа. Допрва ќе гледаме сечење ленти на објекти, допрва ќе гледаме илјадници светилки како го красат луксузниот проект, допрва ќе зјапаме во фонтани и во бездомници кои питачат пред нив. Но, „Скопје 2014“, без сомнеж, не е завршен ниту по основа на сите незаконски активности. И факт е дека еден ден ќе се дознае до најситен детаљ што сѐ се правело и кој сѐ е „заслужен“ за Скопје да добие нов лик, за повеќе да не го препознаеме и да се прашуваме што стана со нашиот град.

Колку и да е лукаво осмислен, очигледно, во сите тие закони и во сето изнаоѓање начини како да се скрие трошењето на буџетските пари, некои детали, како дел од погоре наведените, малку им забегале од контрола. А, за тоа некогаш мора да се дознае и некој да се санкционира.#

„ФОКУС“ ПРВ ГО ОТВОРИ ДОСИЕТО „СКОПЈЕ 2014“

„Владата планира грандиозно античко светилиште во центарот на Скопје. Огромна скулптура на Александар Македонски ќе го јавне скопскиот плоштад!“

Вака неделникот „Фокус“, во јануари 2009 година, прв ги откри деталите од барокниот проект, кој во тоа време се чуваше како најголема државна тајна. Министерството за култура и Општина Центар, кои уште тогаш ја зедоа надлежноста во свои раце, во голема анонимност го чуваа изгледот на спомениците, нивниот број, но, и она најважното, нивната цена. И покрај превезот на тајност, сепак „Фокус“ преку монтажа, се обиде да го претпостави новиот изглед на централното градско подрачје. Па, така Александар Македонски и уште десетина споменици се вивнаа кон небото на скопскиот плоштад, ама тогаш не претпоставивме дека ќе бидат уште повисоки, качени на коњи. Едноставно не помисливме дека Македонија има толкав мерак по коњите.

Интересно е да се спомене дека и во овој текст се поставува прашањето зошто градот Скопје е исклучен од проектот?

Тогашниот градоначалник Трифун Костовски тврдеше дека промената на ликот на главниот град се врши зад негов грб и без негова дозвола, иако таа била неопходна. Костовски, во тогашниот текст за „Фокус“, откри многу важен детаљ, кој од денешен аспект уште еднаш ја докажува незаконитоста на проектот. Истакна дека Град Скопје на Општина Центар ѝ дал негативно мислење за ДУП „Мал Ринг“, односно за проектот, но советниците на Центар не ја испочитувале таа одлука, иако биле обврзани со закон!

СЕКОЈ ВТОР СПОМЕНИК ИМА ГРЕШКА!?

„Овие споменици не ги удостојуваат историските личности во чие име се подигнати“, се вели во документарецот направен во дел на проектот „СК Ретровизор“ на Хералд Шенкер, кој детално ги обработува грешките што се направени при изработката на спомениците како на лента. Но, кој брза, тој и греши.

Споменикот на Методија Андонов – Ченто, првиот претседател на Македонија доби трета нога. Поради лоша пресметка на статиката, неговото палто мораше да се потпре на трупче, обоено во бела боја, за да кореспондира со бојата на споменикот.

plostad1-540x341

Колку зраци има сонцето од Вергина, е друго прашање, што Шенкер го поставува во својот документарен филм. Според еден од војниците кој го чува Александар, сонцето од Вергина има 8 зраци. Ако го забележите штитот на другиот воин, ќе видите 14 зраци. На облеката на воините, сонцето има 15 зраци, некаде седум, а некаде шест.

На еден од лавовите на мостот Гоце Делчев, на постаментот може да се види релјеф, од кои на еден е извајан Аристотел како го подучува младиот Александар. Тој во раката држи книга на која пишува:

„Демократијата е основа на слободата“ (сето ова е напишано со смеса од грчко писмо, кирилица и латиница). Но, Шенкер, по триминутно барање по интернет, ја наоѓа вистинската реплика на Аристотел: ОСНОВАТА НА ЕДНА ДЕМОКРАТСКА ДРЖАВА Е СЛОБОДАТА!

Очигледно, авторот на лавовите си создал своја интерпретација, па цитатот на Аристотел си го свртел наопаку. Демократија или слобода − е, добро де, толку ли е важно?!

И за крај, на фасадата на зградата на Министерството за надворешни работи може да се забележи годината на изградбата – 2009 година. И тоа е сосема во ред, но сите знаеме дека на тоа место во 2009 година немаше ништо друго, освен една ливада!

ЛИЈ ЕДНАШ, НАПЛАТИ ТРИПАТИ!

Сомнежот за можните финансиски малверзации преку проектот „Скопје 2014“ се засили кога, уште во 2009 година, новинарката Милка Смилевска објави прилог, во кој сопственикот на леарницата „Арте Бронзо“ од Верона, изјави дека наместо за 8,5 милиони евра дадени за лиење на неколку споменици, тој ќе ги изработел за 2,7 милиони евра. Новинарката Смилевска во јавноста неколку пати потсети дека скулпторот Андреа Пизани бил шокиран од висината на сумата што Општина Центар ѝ ја плаќа на леарницата „Фернандо Маринели“ од  Фиренца. Во телефонскиот разговор, скулпторот Пизани истакнал дека неговите колеги добиле неверојатна сума, повисока за трипати од реалната.

– Не знам како властите од Скопје ги платиле овие пари. По ова, слободно можат да ја затворат леарницата, коментираше италијанскиот леар во прилогот на новинарката Смилевска.

Тогаш, новинарката случајот го пријави кај тогашната прва антикорупционерка, Мирјана Димовска, но таа воопшто не се посомнева во транспарентноста на проектот и не отвори постапка!

 

ФИЛИП ГО ЛИЕЈА ГРАТИС, АМА ОД ОЛИМПИЈА НАПЛАТИЈА ДЕБЕЛО

И по т.н. владин отчет за проектот „Скопје 2014“, остана нејасно со колкав точно хонорар се офајдија скулпторите кои беа задолжени за моделирање на спомениците. Пред јавноста беа презентирани само дел од хонорарите, а дел беа скриени. Вистинското прашање е − зошто?

Но, како и да е, според јавно објавените податоци, може да се забележи дека хонорарите се движеле од неколку десетици, па сѐ до неколку стотици илјади евра.

Кога ќе се спомене авторски хонорар, невозможно е, а да не се помисли на скулпторката Валентина Каранфилова – Стевановска, која дефинитивно остави белег врз проектот, моделирајќи ги најголемите скулптури на Александар Македонски и Филип Втори, но и земајќи ги најголемите хонорари. Авторката, барем според податоците од отчетот, била половично транспарентна. Па, така, во своите пресметки не сакала да го открие хонорарот кој го зела за моделирањето на Александар Македонски бидејќи во истата финансиска ставка, од 694.000 евра, оправдала уште десетина трошоци.

filip

Но, за хонорарот, кој го зела за Филип Втори, постапила сосема спротивно. Се пофалила дека моделирањето на Филип го направила гратис, но, затоа, за другите скулптури, кои се дел од ова спомен-обележје, добила хонорар од 338.650 евра.

Скулпторот Дарко Башевски, за неколку споменици добил вкупен хонорар од 113.000 евра, а неговиот колега Томе Серафимовски добил 120.000 евра хонорар. Моделирањето на спомен-обележјето на АСНОМ, пак, авторот Слободан Милошевски го наплатил со 280.000 евра.

 

ЈЕРЕМИЌ ЈА СТРЕСЕ СРБИЈА, НО НЕ И МАКЕДОНИЈА

Пред шест месеци, Србија ја стресе корупциска афера „Галеника“, тешка 12 милиони евра, во која беше уапсен сопственикот на леарницата „Јеремиќ“, Миодраг Јеремиќ.

Во Македонија оваа вест помина речиси незабележително, иако истата леарница излеа десетина споменици за проектот „Скопје 2014“, а обвинувањата се дека леарницата лиела споменици во Белград за суми кои реалната цена ја надминувале дури и за 20 пати.

Јавното обвинителство во Македонија, по обелоденувањето на аферата во соседството, експресно истакна дека нема да покрене постапка во врска со склучените договори меѓу „Јеремиќ“ и македонските власти, зашто немале основи за сомнение за каков било криминал!

 

ХЕРОИ НА ПРОЕКТОТ

Неколку лица и фирми оставија посебен белег во градењето на забрзан идентитет преку архитектурата. Нивните имиња мора да се овековечат и да се  запаметат, дали по добро или по лошо − времето ќе покаже.

ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски – Иако проектот „Скопје 2014“ се плаќаше од Буџетот, партијата во својот отчет за сработеното го има наведено како свое дело. Легендарна ќе остане и изјавата на Груевски при отворањето на Порта Македонија на 6 јануари 2012 година:

„Јас стојам зад овој проект. Сметам дека е добар, квалитетен, корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект“.

ВАЛЕНТИНА КАРАНФИЛОВА – СТЕВАНОВСКА – автор на најголемиот број споменици од проектот, почнувајќи од Триумфалната порта, Воинот на коњ, Филип Втори, Летниковецот, неколку скулптури на мостот Око, плоштадот Карпошово востание…

Иако се појави како тотален анонимус во уметничките кругови (претходно искуство со јавно вајарство има само со споменик во основното училиште „Љубен Лапе“), Стевановска стана најплатениот уметник во државата. Нејзините хонорари за сработеното останаа тајна.

БЕТОН – ШТИП – фирмата што го доби најголемиот број тендери за изградба на барокните објекти. Посебен белег остави Илија Бреслиски, поранешниот директор на градежната компанија (која подоцна во еден дел беше продадена на една од фирмите на Орце Камчев,Орка Холдинг“), кој дрско одговараше на секој повик од новинарите кои имаа прашања во врска со проектот. Бетон – Штип најголемиот број тендери ги доби според најниска понудена цена, но потоа, на овие договори следуваа по неколку анекс-договори, по што вкупната цена порасна неколкукратно!

ЗА СТРАНЦИТЕ „СКОПЈЕ 2014“ Е БАРОКЕН КИЧ

На проектот „Скопје 2014“ не можеа да му „одолеат“ ниту странските медиуми. Се напишаа купишта написи за новиот лик на главниот град, а во најголемиот дел од нив се забележуваше доза на потсмев.

Лондонски „Економист“, поточно новинарот Тим Џуда, проектот го спореди со стрип од Астерикс и Обеликс, додавајќи оцена дека проектот предизвикува делби во Македонија и кавги со соседна Грција.

Германски „Шпигел“, пак, Скопје го виде како град на историски кич, за кој се фрла огромно богатство додека земјата се наоѓа во длабока економска криза.

Место за проектот отстапи и „Њујорк тамс“, кој оцени дека центарот на главниот град е „базиран на смеса од историско и естетски нехармонично вајарство“.

barok skopje 2014

Шлаканица на македонскиот барок му удри и „Фајненшл тајмс“, каде што, исто така, се потенцира дека проектот е неверојатно скап!

Во репортажата, пак, на хрватски „Јутарњи“, проектот беше опишан како микс од Лас Вегас и Пјонгјанг, како полуд и од најлудите замисли на туркменистанскиот диктатор Нијазов.

„Оној што го смислил и го реализирал ова, би требало да се испрати на психијатриско вештачење“, ќе заклучи репортерот на „Јутарњи“!

Поврзани новости