Судијката, Добрила Кацарска, даде долго образложение пред да ја изрече пресудата za 27 април и да ги огласи обвинетите за виновни. Раскажувајќи го судскиот процес и нотирајќи ги доказите кои беа извеедени во доказната постапка, Кацарска рече дека упадот во Собранието бил добро организиран и исцениран.
Таа се осврна на полициските службеници кои, рече, евидентно е од видео материјалите дека не постапувале, туку се однесувале пасивно кон случувањата во парламентот.
Собранието, почна Кацарска, мора да биде храм на демократијата, а народот, додаде, не може да ја преземе власта во свои раце.
-Народот го врши управувањето преку избрани претставници, граѓаните преку избрани претставници го користат своето право. Токму затоа не смееше да се случи крвавиот четврок. Од снимките од телевизиите се гледа насилниот упад во Собрането, кршењето на инвертарот во ходниците и просториите на Собранието и прес салата. Сведоци бевме дека дел од разгневените не застануваат тука, туку започнуваат со немилосрдно тепање на пратеници, новинари и вработени службеници – рече Кацарска.
Овие слики, додаде таа, ќе останат врежани во меморијата на граѓаните.
-Го видовме и срамното однесување на полициските службеници. Наместо да преземат дејствија тие едноставно беа неми набљудувачи. Се шетаа по ходниците во Собранието, седеа на фотељи и пиеја вода. Јасно се виде кој и на каков начин ширум ги отвори вратите за насилната маса да влезе, додека високи полициски службеници посочуваа на масата народ на која страна треба да се движи – рече таа.
Зборувајќи за обвинетите поединечно таа рече дека Абдуљфета Алими не презел ништо при отворање на вратите, но дека сепак допринел Зијадин Села да остане жив. За Александар Василевски Нинџа, рече, мора да се нагласи дека не влегол во Собранието и дека нема преземно физички напад врз пратеници и новинари. За Митко Чавко, пак, рече дека од исказите на сведоците произлегло дека Чавков бил известен за настаните, а не дал наредба за интервенција на полицијата, додека за Игор Дурловски иако е неспорно дека ја пеел химната и влегол во Собрание, сепак не презел никакви дејствија на насилство.
-На 27 април полициските службеници не само што не се грижеле за животите и личната сигурност на пратениците, новинарите и своите колеги, туку со пасивното однесување придонеле за загрозување на нивните животи – рече судијката.
Со овие настани, додаде таа, било предизвикано чувство на лична несигурност и страв на граѓаните, акт на насилство, рече таа, својствено на тероризам.
-Настаните се пренесуваа во живо и граѓаните ги гледаа тие грозоморни слики со раскрвавени глави на пратениците и нападите на новинарите, кои несомнено предизвикаа чувство на несигурност и страв. Сликите од раскрвавените глави ќе останат врежани во меморијата на граѓаните. Овој ден ќе биде впишан со црни букви во историјата на државата – посочи Кацарска.
Таа додаде дека дел од лицата кои влегоа во Собрание биле измамени, дел излажани, а дел од љубопитство, но додаде дека не може да ја прифати одбраната која се темели на патриотизам.
-За какви емоции кон татковината се работи тука, зар татковината се сака со тепање на пратеници? Тука не може да стане збор за патриотизам – додаде судијката пред да ја изрече пресудата против 17 обвинети.