Помошниците на специјалната обвинителка Катица Јанева денеска на седницата на Советот на јавни обвинители дадоа свечена изјава на новата должност, а Јанева нагласи дека од понеделник ќе почнат со работа.
-Не знаеме колкав е точниот број на предметите, бидејќи од понеделник ќе почнеме да им се обраќаме на институциите, согласно Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Има наплив од странки, и тоа не се предметите кои треба да ги преземеме од државните органи туку се нови. Се однесуваат на разни случаи, изјави Јанева.
На новинарско прашање дали ако се утврди вина за висока корупција и за организиран криминал кај функциониерите, Специјалното обвинителство ќе оди докрај и ќе бара да им се вратат на граѓаните, Јанева одговори дека апсолутно да.