„Со објавените аудио снимки се потврдува лицемерието на Владимир Талески. Слушнавме како тој кодоши свои сограѓани кај високи функционери на ВМРО – ДПМНЕ во Скопје, а истовремено тој ист Талески шета низ Битола со тие луѓе што ги кодошел, води кампања и бара со нив гласови од битолчани, воедно и од навивачката група Чкембари“. Ова на денешната прес – конференција го истакна Александар Касапов, советник од ЛДП во општина Битола.
– Тоа што сите битолчани го знаевме за Талески, во изминатиов период го потврдија високи функционери на ВМРО – ДПМНЕ како и самиот Талески. Имено од аудио снимките, објавени од лидерот на СДСМ, г-динот Зоран Заев, можевме да слушнеме како Ставревски вели дека во Битола за превоз на ученици е склучен договор со Транскоп коруптивен до даска. Од аудио снимките може да се слушне како Талески разговара, едни исти луѓе да гласаат на повеќе избирачки места, нешто што Талески и оваа власт ги прави нелегитимни – тврди Касапов.
ЛДП бара од пратениците , од советниците како и од раководството на ВМРО – ДПМНЕ од Битола, да се оградат од сите дела- недела на Талески и истовремено да побараат од него да си поднесе оставка.
– Доколку не го направат тоа, ние, битолчани, ќе сметаме дека и тие се соучесници во уништувањето на Битола, како и тоа дека меѓу нив и Талески нема разлика – истакна советникот од ЛДП.