Биљал Касами – претседателот на Движењето Беса на прес-конференција побара Али Ахмети заедно со Рамиз Мерко да си поднесат оставка и да остават место за истрага.
Според Касами, сите ставови кои власта ги истакнува за спроведување на правдата се манипулација.
„Како да не беше доволна истрагата што ја направија нашите американски пријатели и откривањето на злоупотребите на Рамиз Мерко, Али Ахмети вчера ни одржа лекција, велејќи дека Мерко треба да го гони и Обвинителството. И како тоа да не беше доволно, истото Ахмети го кажа и за неговиот внук Дрин Ахмети, кој преку ноќ стана милионер, без да знае како, чиниш некој тоа му го подарил“ – рече Касами.
Народот, рече тој, веќе не ги прифаќа вашите манипулации.
„Америка веќе ве истражи и ги стави вашите на црната листа. Народот ве суди и даде доверба од само 4 проценти, на правдата за која постојано зборувате. И да знаете дека народот ќе ве казни на следниве избори. Ако сте толку убедени во вашата невиност, тогаш поднесете оставка заедно со Мерко и вашите функционери и отворете пат за вистинска истрага. Но, знаеме дека тоа не можете да го направите. На крајот, народот ќе ви даде најдобра пресуда“ – истакна Касами.