Претседателот на Беса Биљал Касами денеска на прес конференција од Тетово истакна дека неговата партија е подготвена да разговара за укинување на Бадентер и балансерот, но под услов да се воведе нов механизам за унапредување на правата на немнозинските заедници.
-Мислам дека сега не е време за вакви теми, но доколку би се отвориле овие теми би биле во правец на подобрување на позицијата на немнозинските заедници. Значи меѓунарадното право не познава можност со демократски механизми, да се уназадат правата на немнозинските заедници, така да сме подготвени да разговараме и за таа тема, но во правец на подобрување на правата на сите етнички заедници, освен македонската која ја има и државотворноста и сите права кои другите не ги уживаат – рече Касами.
Тој дополни дека Беса ги подржува сите активности околу најавени уставни измени, посочувајќи дека дојден е моментот кога треба да смени дефиницијата 20 отсто со албански јазик.
-Беса ги подржува сите активности во овој дел, односно уставните измени во делот на забрзување на евроинтеграциските процеси на Македонија. Во тој дел ние гледаме и можност во овие уставни измени да се тргне и дефиницијата 20% за албанскиот јазик. Цениме дека конечно е дојдено време албанскиот јазик да биде дефиниран така како што е, а не со 20 %. 20 % е дефиниција за јазикот на тие кои се над 20 % , а со пописот се докажа дека над 20% се Албанците во Македонија и нема некој друг народ кој е блиску – рече Касами.