Карпош го изгласа ДУП-от за бензиска на Пуцко, против беа независните и Левица

by Фокус

Шеснаесет советници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ во Општина Карпош го изгласаа Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05, со кој се овозможува изградба на бензиска пумпа од страна на компанијата Пуцко Петрол во непосредна близина на Александар Палас.

Како што веќе пишуваше Фокус, токму за овој плац се однесуваше реакцијата на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски до скопската градоначалничка Данела Арсовска, која, според него, требала да формира Комисија за урбанизам и да се заврши постапката околу ДУП-от, бидејќи во спротивно Карпош ќе треба да плати оштета од 15 милиони евра.

Државниот правобранител беше кај мене и кажа дека под итно треба да се усвои ДУП-от, по што истата локација правобранителството на суд ќе и ја понуди на компанијата. Ако одбие, ќе нема право на оштета – ни изјави Јакимовски, додавајќи дека правобранителот периодов праќал дописи до Општина Карпош и Град Скопје, па дури и предочувал на евентуална кривична одговорност.

Арсовска, пак, му одговори дека тој врши медиумски и институционален притисок врз Градот за да даде позитивно мислење на одреден урбанистички план, наместо, како што потенцираат, вината да ја бара кај неговиот претходник.

Градот Скопје не учествувал во постапката за поништување на претходниот урбанистички план во Општина Карпош, за да преземе каква било одговорност за каква било штета настаната поради суспензија на претходен урбанистички план, ниту учествувал во постапката за продажба на земјиштето“, возвратија од Градот.

Според ДУП-от, се предвидува намена на просторот за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.

Против ДУП-от беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица, кои не ни присуствуваа на денешната вонредна седница на која единствена точка на дневен ред беше усвојување на ДУП-от.

-Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал. И покрај заканите дека доколку не гласаме т. е. не соработуваме ќе бидеме кривично гонети, како и приказните дека Општината ќе биде финансиски заглавена, за кои има нула конкретни достапни документи и информации, ние од ‘Независни за Карпош‘ повторуваме дека сме избрани од граѓаните да гласаме онака како ни налага нашата совест – порачаа од Независни за Карпош.

 

Поврзани новости