Зендели разрешен со 61 глас, без опозиција

by fokus

По тридневна расправа, со 61 глас „за“ и без присуство на опозицијата, пратеникот Фадил Зендели член на движењето БЕСА, е разрешен од член во Комисијата за прашања на избори и именувања.

Пред гласањето и пред паузата, пратениците од опозицијата обвинија дека парламентарното мнозинство останало, „глуво, не послушало, и демонстрирало сила и надмоќ“ и посочија дека оваа точка е „протната“ на дневен ред, а материјалите биле доставени четири минути пред самата седница. -Ова насилие ќе ви се удри од глава, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Тој праша што се направило со над 400 амандмани испратени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до архива и се уредно примени и побара писмен одговор. Образложи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и целата опозиција не бранат пратеник, ентитет или одредена политичка партија туку, како што рече, ја брани и сака да ја заштити процедурата која вие упорно ја кршите во оваа парламентарна зграда.

Претседателот на Собранието Талат Џафери пред да прогласи едночасовна пауза рече дека амандманите се доставени и тој како претседател на Парламенот има рок од три дена да ги разгледа. Нагласи дека тој рок не е надминат, дека треба да се прегледаат сите амандмани и во дадениот рок ќе добијат соодветен одговор.

Во денешната расправа доминираа ставовите на власта дека опозицијата три дена му се додворувала на пратеникот Фадил Зендели, кој своеволно преминал во опозиција, а беше дел од Коалицијата „Можеме“. Според СДСМ, граѓаните не сакаат предвремени избори, кога во земјава имаме енергетска, економска и Ковид-криза.

Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ рече дека три дена расправаат за одлука со која, како што рече, ќе треба да се воспостави балансот на вистинска застапеност на политичките партии во таа комисија. Таа ги праша пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто сакаат да имаат мнозинство во оваа Комисија, кога, како што рече, знаете дека деловнички не ви следува.

Според неа, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не им е грижа за квалитетот на Фадил Зендели, туку знаат дека со седум гласа ќе можат да ја надгласаат власта и како што рече, „ќе можете да избирате и понатаму судии од тефтерчињата, функционери и останати кои треба да ве заштитат вас и вашата политичка опција“.

Опозицијата доби мнозинство во Комисијата со Зендели, откако Беса ја напушти власта и премина во опозиција и со оваа одлука на Собранието, владејачките партии го враќаат мнозинството во Комисијата.

Комисијата со месеци беше блокирана и не можеше да се изберат уставни судии откако Судот од вкупно девет, остана со петмина судии.

Поврзани новости