Караџовски: Не се проблем палмите, туку негрижата

by fokus 14:53
14:53

Жарко Караџовски, директор на „Македонски шуми“, јавното претпријатие кое по барање на Владата ги набави 1.100-те палми за околу половина милион евра, сега откако се исушија тие во Скопје, за „Фокус“ вели дека одговорноста треба да се бара во претпријатијата што биле задолжени за нивното одржување.

На ѓубриште ќе завршат сите 138 палми што беа засадени во Скопје. Утрово дел од нив беа однесени на „Дрисла“.

- Advertisements -

„Во Прилеп, Гевгелија и во Дојран сите палми опстојуваат. Станува збор за континентални палми кои можат да издржат и минусни температури до 15 степени под нулата. Така што во случајов не се проблем палмите, туку грижата околу нив, односно човечкиот фактор“, вели Караџовски за „Фокус“ и објаснува дека одговоноста на ЈП „Македонски шуми“ во врска со проектот завршила во моментот кога биле набавени и насадени.

Тој тврди дека претпријатието набавило здраво семе и дека палмите две години успешно виреат во останатите градови во Македонија.

„ ЈП „Македонски шуми“ нема ингиренции за палмите зошто немаме ни надлежност во управувањето со парковите. Нашата обврска беше да ги набавиме по одлуката на Владата, да ги засадиме, а таа обврска заврши со денот откако тие беа засадени и почнаа да виреат. Откако беше потврдено дека сме обезбедиле здрав семенски материјал, одговорноста за палмите премина во надлежност на локалните претпријатија“, вели Караџовски.

Наместо да се бара одговорност за пропаднатиот проект во кој изгореа неколку илјади евра (една палма чини 500 евра), јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кое беше задолжено за одржувањето на скопските егзотични дрвја, најавува нов експеримент – сега на местото на смрзнатите палми ќе саделе јавори.

С.М.

 

Поврзани новости