Војниците предупредуваа дека возат неисправни возила, без сопирачки

by fokus 13:32
13:32

По сообраќајната несреќа во која учествуваа три возила на АРМ, откако на едно од возилата му откажаа сопирачките, од јавното обвинителство издале Наредба за вонреден технички преглед на возилата кои учествувале во несреќата, со специјални насоки да се проверат уредите за управување и сопирање.​

Сообраќајката се случи вчера на автопатот Скопје-Велес, при што полесно беа повредени петмина војници.

- Advertisements -

„Фокус“ уште при крајот на 2015 година пренесе сведочења на вработени во АРМ кои тврдеа дека често пати возат технички неисправни возила, на кои им откажуваат сопирачките.

-Во последно време од армијата најчесто си заминуваат возачите, бидејќи ние сме во речиси најлоша состојба. Тука работиме за 20.000 денари, ставајќи го својот живот и на другите во ризик, бидејќи управуваме со возила кои се технички неисправни, па често пати ни откажуваат и сопирачките. Еден колега едвај спаси жива глава, но направи материјална штета запирајќи го возилото, по што му беше наложено самиот да ја покрие од сопствениот џеб, вели нашиот соговорник кој сака да остане анонимен, бидејќи се уште е дел од армијата.

Возачите и синдикалците тврдат дека возилата на АРМ се нерегистрирани и неосигурани, поради што во случај на сообраќајна несреќа, сметката за плаќање им стигнува на домашна адреса, а не на адреса на АРМ. Според нив, осигурани се само цивилните возила и оние со кои се патува надвор од државата.

За разлика од војниците, од Министерството за одбрана и од АРМ тврдат дека возилата се регистрирани.

– Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија категорично демантираат дека „голем број од возилата на Армијата се неосигурени и нерегистрирани“. Процедурата за регистрација и осигурување се одвива согласно посебен Правилник за регистрација на возилата во АРМ и не постои отстапување од истиот. Истото важи и за моторните возила на АРМ со цивилни регистарски таблички кои се регистрираат согласно постојните законски прописи кои важат за сите возила во Република Македонија, ни одговорија од Министерството за одбрана.

Оттаму додаваат дека не можат да ни одговорат на прашањето со колку моторни возила располага армијата, бидејќи станувало збор за класифициран податок. Тврдат и дека сите возила им се во исправна состојба.

– Потенцираме дека во АРМ се пропишани стандардни оперативни процедури, според кои е строго регулирана употребата на моторните возила. Согласно процедурите, ниту едно моторно возило на АРМ не може да учествува во сообраќај доколку на истото претходно не е извршен преглед пред употреба. Наводите за употреба на возилата на АРМ без сопирачки или во неисправна состојба се целосно неточни. За покривањето на штетата во случај на сообраќајна незгода, пак, доколку надлежните органи утврдат дека возачот на армиското возило е виновен, Армијата кон тоа лице според важечките прописи покренува дисциплинска постапка и постапка за надомест на штета, велат од Министерството.

В.В.

 

Поврзани новости