Теута Арифи: ДУИ не бега од средби, но најважно е да се избере претседател

by fokus

Најважно е да се избере претседател на Собрание. ДУИ никогаш не бегала од средби, било да се лидерски или на други нивоа, но, како и да е, треба да се избере претседател, изјави Теута Арифи, потпретседателката на ДУИ и градоначалничка на општина Тетово.

-За државата не е добро да има преседани од страна која поради некои причини не е во мнозинството, со што се блокира еден процес. Мислам дека ние мора да излеземе од тој преседан, да се формираат институциите и во рамки на тие институции да се разговара и да се најдат решенија за излез од политичката криза – изјави Арифи.

Одржувањето на локалните избори, вели Арифи сега зависи од одлуката на Уставниот суд, до каде има поднесено иницијатива за пролонгирање на рокот на ингеренциите на градоначалниците, доколку нема одлука за распишување на локалните избори.

-Кога имате една цела уставна криза, кога Собранието не носи закони, кога Владата е административна, во една таква ситуација ќе биде уште покомплексно со општините. Важно е да се има датум за изборите, не може ова да биде бесконечно и ќе чекаме како ќе одлучи Уставниот суд. Треба ова да заврши, да се знае и датумот за изборите, за да немаат граѓаните проблеми, но и админстрацијата – вели Арифи.

Мандатите на градоначалниците и на општинските совети завршуваат на 14 мај.

Поврзани новости