Новите палми за кои „Македонски шуми“ распиша оглас во вредност од половина милион евра, според директорот на јавното претпријатие Жарко Караџоски, ќе ги разубават туристичките места. Тој во изјава за „Фокус“ тврди дека не може да се каже со сигурност дека ќе се платат 500.000 евра за палми, бидејќи станува збор само за проценета вредност.
„Минатата година исто засадивме палми, експериментално, со тоа што садевме ниски садници и видовме дека може да успеат во Македонија. Освен тоа, делуваат убаво и ги разубавуваат туристичките места. Затоа и распишавме оглас за набавка на готови дрва, не на садници, во рамките на денот на дрвото. Палмите ќе бидат поставени во Дојран, Гевгелија, Струга, Охрид…претежно во јужниот крај. Нашите сознанија говорат дека во тие делови палмите можат да успеат. Успеваат и на температури до -15 Целзиусови степени“, вели Караџоски.
Во врска со висината на цената на новите палми, Караџоски тврди дека сумата може да биде пониска од половина милион евра.
„Знаете, тоа е само проценета вредност. Треба да се види кој колку ќе понуди. Освен квалитетот, битна е и цената. Од она што го знаеме, цената за овој вид палми се движи од 200 евра па нагоре“, вели тој.
Инаку, во огласот кој е објавен на веб-страницата на Бирото за јавни набавки ЈП Македонски шуми бара понудувач кој ќе набави 1.100 садници на палми, од видот Trachycarpus fortunei, односно влакнеста палма, со височина на стеблото над 4 метри.