Канал 5 до Милошоски: Дали сте се запрашале кој од МВР и Владата вршеше притисок да не се известува за убиството на Нешкоски?

by fokus

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски и телевизијата Канал 5 се „скараа“, односно откако Милошоски на фејсбук ја прозва телевизијата, каде била да известува за убиството на Нешкоски, тие го прашаа зошто владата од која бил дел, правела обиди да го заташка случајот. Исто така го предизвикаа и да одговори кој тогашен функционер од МВР вршел медиумски притисок да не се известува за случајот.

-Во 2015 година, ТВ Канал5 слабо известуваше за убиството на Мартин Нешковски, а после објавата на “бомбата” од Зоран Заев, во траење од 3 минути. Една угледна новинарка, тогаш вработена во Канал5, а сега во друга телевизија, кажа дека тогаш од МВР имале забрани за истражување и известување. Денес, за среќа, се гледа дека Канал5 има многу добри релации со МВР и Владата.
Овие денови сведоци сме дека таа “бомба” за Мартин Нешковски во целост траела 12 минути, а скратените 9 минути можат да значат и кратење од вистината или манипулација на мотивите.

Затоа прашање е дали денес уредниците на ТВ Канал5 ќе ги искористат добрите релации со владата и ќе истражуваат во име на јавниот интерес, во име на вистината, што се случило со убиството на Мартин Нешковски, што се случило со целосната прислушкувана “бомба” и дали некој од политиката или МВР го има злоупотребено овој трагичен настан?, напиша Милошоски на фејсбук.

Од телeвизијата, пак не му останаа покуси, па јавно му поставија неколку прашања:

-Господине Антонио Милошоски ние го слушаме гласот на нашите гледачи, макар биле и партиски војници, па затоа го прифаќаме Вашиот предизвик.

Еве во име на јавниот интерес Ве замолуваме да одговорите на овие прашања:

1. Зошто владата во која бевте министер, молчеше за убиството цели 48 часа?

2. Дали некогаш сте побаравте одговорност во вашата партија и во владата за очигледниот обид да се прикрие и заташка случајот?

3. Дали сте се запрашале кој и зошто од МВР и владата тогаш вршеа силен притисок врз медиумите да не известуваат за убиството?

Канал 5 има принципиелен став за разно-разните “бомби” – ниту порано ниту сега не ги објавува, од проста причина, да не влегуваме во валканите политички игри. Но, затоа се надеваме дека истрагата што ја води СЈО еден ден ќе даде одговори на прашањата кои Ви ги поставивме и Вам. Како што беше со случајот “Моќник” во кој сте првоосомничен, и кој се надеваме еден убав сончев ден кога Македонија ќе стане правна држава, ќе добие и судска разрешница, велат од Канал 5.

Поврзани новости