Компанијата „Орка Холдинг” управувана од Јордан Камчев, информира дека го продала својот удел во „Медиа Принт Македонија”.
-Со одлука на Управниот одбор на компанијата, донесена на 12.12.2016 година компанијата „Орка Холдинг“ АД Скопје го продаде својот удел во „Графички центар” ДОО Скопје, сопственик на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ), по номинална цена.
Сите обврски кои компанијата ги имаше кон вработените заклучно со 31.12.2016 година се подмирени. Во наредните денови ќе се подмират и обврските кон платите за месец јануари 2017- се вели во соопштението на компанијата.
Претходно, НОВАТВ објави дека освен компанијата на Камчев, од МПМ излезе и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева.
Според последните издадени документи од МПМ, сега сопственици се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, кој што е сопственост на МПМ или во превод- Камчев и Станисаљева го оставаат Срѓан Керим како единствен сопственик на ова издаваштво. Јана Станисављева останува на позицијата генерален директор на МПМ.
Овие промени во сопственичката структура се случуваат непосредно по најавите за генерален штрајк на вработените весниците „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, поради неисплатени плати и хонорари.