Просечната каматна стапка на вкупните кредити, во јули годинава бележи месечно и годишно намалување од 0,12 п.п. (процентни поени) односно 0,55 п.п., и изнесува 4,91 проценти. Кај вкупните депозити, пак, во јули е регистрирана просечна каматна стапка од 2,21 процент со месечен и годишен раст од 0,01 п.п. односно 0,28 п.п., објави денеска Народната банка.
Во јули, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,42 проценти и е непроменета во однос на претходниот месец, додека на годишна основа е намалена за 0,70 п.п. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е непроменета на месечна основа и изнесува 2,35 процент, при годишен пад од 0,41 п.п.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор, во јули 2025 година е намалена за 0,08 п.п на месечно ниво и изнесува 4,54 проценти. Надолната промена произлегува од падот на сите компоненти и тоа: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,20 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,13 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,05 п.п.). Споредено со јули минатата година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,69 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во јули изнесува 4,67 проценти и е намалена за 0,02 п.п. во споредба со претходниот месец. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е намалена за 0,67 п.п. на годишно ниво.
Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата во јули е непроменета на месечна основа и изнесува 2,15%. Во однос на јули минатата година, оваа каматна стапка е зголемена за 0,26 п.п. Во јули, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата изнесува 2,33 проценти и е непроменета во однос на јуни. На годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата оствари пад од 0,35 п.п.