Над 100 предлози пристигнаа за новиот закон за рударство кој предизвика контроверзии: Ќе се прифатат само најконструктивните

by irena 12:53
12:53

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти дека за новиот Закон за рударство кој уште во рана фаза беше јавно објавен на платформата ЕНЕР со цел да биде достапен за увид и анализа од сите засегнати страни, резултираше со исклучително голем одзив и пристигнаа над 100 предлози.

Јавноста имаше можност во период од 30 дена да го разгледа првичниот текст на Законот за рударство, кој беше јавно објавен на платформата ЕНЕР. Јавниот увид траеше до 28 август 2025 година, а во овој период пристигнаа бројни мислења, предлози и забелешки од компании, институции, стручната и граѓанската јавност.

„Јавната расправа ни овозможи вредни препораки и забелешки за Нацрт-законот. Паралелно започнуваме со следната фаза од усогласување на законскиот предлог. Ги разгледуваме сите доставени предлози и забелешки и ќе организираме работни средби со оние кои се изјасниле за предлог-текстот. Нашата цел е да добиеме усогласено, јасно и спроведливо законско решение кое ќе обезбеди заштита на животната средина, висока безбедност при работа и предвидлива инвестициска рамка,“ изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Во наредниот период, МЕРМС ќе ги разгледа детално сите пристигнати предлози и ќе ги прифати оние кои се во насока на подобрување на законското решение, во интерес на државата и граѓаните. Министерството нагласува дека инсистира на строга примена на правилата и нулта толеранција за прекршувања, во интерес на безбедноста, заштитата на животната средина и добросостојбата на локалните заедници.

Новиот предлог закон според кој Македонија ќе се приклучи кон стратешки проекти на ЕУ за ископ на ретки минерали, односно со новите измени на закони кои ги подготви Министерството за енергетика, се прифаќа ЕУ директиви во однос на критични минерални суровини, отвори пат, големите корпорации од ЕУ да ископуваат минерали во Македонија.

„Да, се отвора. Предложените закони го немаат вградено механизмот на учество на јавноста на самиот почеток на постапката во доделување на концесиите, како и право на вето на локалната самоуправа врз одлуките за доделување на концесии, што ние го бараме во нашите забелешки.

Ние сме мала земја која не може да ги издржи негативните последици од отворање на нови загадувачки рудници. До денешен ден не сме се справиле со санација и ремедијација, рекултивација на старите јаловишта и руднички депонии кои континуирано ја загадуваат животната средина. Не може да дозволиме отворање на нови жаришта“, рекоа за „Фокус“ од О2 иницијатива за новиот предлог-закон.

Најголем револт предизвика членот 10 од предлог законот кој се однесува на експропријација на приватно земјиште. Член 10 дозволува доделување концесии и на приватно земјиште, при што инвеститорот може да поведе постапка за експропријација.

„Тоа директно удира по правото на сопственост на граѓаните! Дозволена експропријација на приватно земјиште значи дека, и покрај тоа што си сопственик на земјиште, можеш да бидеш иселен од својот имот ако државата реши дека под тебе има руди и треба да се отвори рудник (во име на „стратешки интерес“). Со тоа, граѓаните се соочуваат со ризик не само да го загубат својот имот, туку и да живеат покрај рудници со токсична прашина, експлозии и токсични јаловишта“, коментираат од „Зелена народна стража“.

Орце Костов

Слични вести