Шасивари: Ниту една жена не смее да живее во страв – нулта толеранција за насилството врз жените

by irena 13:29
13:29

Случајот со 26-годишната девојка од Охрид, која беше брутално претепана, како и неодамнешната трагедија со 17-годишната девојка која го загуби животот, се сериозни предупредувања дека насилството врз жените бара бескомпромисен институционален одговор.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, најостро го осудува секој облик на насилство врз жените, нагласувајќи дека нема оправдување за насилството, нема простор за релативизирање и нема толеранција за обиди за прикривање или влијание врз постапките, соопштија од ресорното министерство.

„Министерот очекува сите надлежни институции, секоја во рамките на своите законски надлежности, да постапуваат професионално, навремено, неселективно и со целосна одговорност. Полицијата, обвинителството и судовите мора да постапуваат без притисоци, без привилегии и без двојни стандарди. Секое евентуално пропуштање, непостапување или незаконско влијание мора да биде предмет на соодветна проверка и одговорност. Државата има законска обврска и правни механизми да ги заштити жртвите и да ги санкционира сторителите. Со новиот Кривичен законик дополнително се зајакнува кривично правната заштита од семејно и родово базирано насилство. Предвидени се затворски казни за потешките облици на насилство, а за определени кривични дела во контекст на семејно и родово базирано насилство се предвидува гонење по службена должност, без товарот на постапката да се префрла врз жртвата“ информираат од Министерство за правда.

Од таму велат „законите не смеат да останат само напишани одредби. Тие мора доследно да се применуваат. Секоја пријава мора да се сфати сериозно, секој ризик мора навреме да се препознае и секоја жртва мора да добие соодветна заштита. Ниту една жена не смее да живее во страв. Ниту една девојка не смее да се прашува дали државата ќе ја заштити. Ниту еден сторител не смее да смета дека ќе остане недопирлив. Заштитата на жртвите мора да биде приоритет, законот мора да важи еднакво за сите, а одговорноста да биде правило, а не исклучок“.

 

Слични вести