Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва за прекин на војната во Украина мора да ги вклучи Киев и ЕУ.
Каја Калас изјави дека утре ќе разговара за следните чекори со шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ.
„Соединетите Американски Држави имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи станува збор за безбедноста на Украина и цела Европа“, рече Каја Калас. Додека работиме на постигнување одржлив и праведен мир, меѓународното право е јасно – привремено окупираните територии ѝ припаѓаат на Украина, изјави Каја Калас, истакнувајќи дека договорот не смее да биде појдовна точка за продолжување на руската агресија против Украина, трансатлантската алијанса и Европа.
Каја Калас најави дека министрите ќе разговараат и за ситуацијата во Појасот Газа на утрешниот состанок, пренесува Ројтерс.