Освен од членарини и донации, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се финансирале и од кредити, поради што се уште имаат обврски кон домашна банка, покажуваат податоците до кои дојде Фокус преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер или преку увид во финансиските извештаи на партиите.
Од владејачката СДСМ не известија дека моментално имаат два активни кредити кон „Комерцијална банка“ во вредност од 29 милиони денари, чии обврски, како што истакнуваат од таму, редовно се сервисираат.
Во финансиските извештаи на партијата, пак, ставката „долгорочни кредити од домашни банки“ изнесува над 27 милиони денари заклучно со ланската година, што е за двојно повеќе во споредба со 2020 година, кога оваа обврска изнесувала 12,5 милиони денари.
Што се однесува до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ни посочија дека и тие имаат кредитни обврски кон „Комерцијална банка“, меѓутоа партијата го одби нашето барање во делот на висината на обврските, со образложение дека „последиците врз интересот што се заштитува се поголеми“.
„Тестот на штетност утврди дека бараната информација има доверлив карактер меѓу кредитобарателот и кредитодавателот, утврден со Договор за кредитирање меѓу партијата и банката“, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак, годишната сметка на партијата што ја обезбедивме од Централниот регистар открива дека за ланската година долгорочните кредити од домашни банки изнесувале над 124 милиони денари, додека каматите на кредити и заеми изнесувале над 8 милиони денари.
Од најголемата албанска партија – ДУИ, воопшто не постапија во однос на нашето барање, меѓутоа нивниот финансиски извештај покажува дека долгорочните кредити од домашни банки изнесувале 48 милиони денари, со тоа што каматата изнесува милион денари.
Она што е интересно, нивните кредитни обврски изнесувале нула денари во 2020 година, но овој факт се промени во минатата 2021 година, откако ДУИ купи атрактивна деловна зграда во центарот на Тетово токму со помош на кредитен заем од „Алфа Банка“ или „Силк Роуд“.
Воедно, се забележува дека во ист период кога партијата подигнала кредит, значително пораснале нејзини приливи. Доколку интегративците во 2020 година собрале само 3,7 милиони денари од членарини и донации, тогаш, според извештајот доставен до Државниот завод за ревизија, во изминатата 2021 година собрале дури 30 милиони денари.
Исто така, последниот број на неделникот Фокус открива и колку вработени имаат политичките партии и колкави се нивните обврски по основ на плати и надоместоци.
Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски