Колку пари трошат партиите за плати кон вработени?

Најновиот број на неделникот Фокус открива колку вработени имаат политичките партии и колкави се нивните обврски по основ на плати и надоместоци.

by Фокус

Скоро секоја политичка партија издвојува дел од партиските средства за плати, но ретко која го открива идентитетот на своите вработени, произлегува од одговорите што ги доби Фокус според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кој веќе неколку години се опфатени и политичките партии.

Имено, владејачката СДСМ не информираше дека во текот на 2021 година во партијата биле вработени 36 лица. По основ на плати, за нив биле издвоени скоро 12 милиони денари или во просек по 333 илјади денари по лице. Сепак, изостана информација за кои лица станува збор.

Од годишниот извештај на партијата за ланската година, пак, произлегува дека тоа е износ на нето-плати, додека партијата издвоила дополнителни 5,8 милиони денари за надоместоци. Тоа значи дека социјалдемократите за своите вработени лани издвоиле 17,8 милиони денари или повеќе од сумата што ја потрошиле за реклами и пропаганда.

Што се однесува до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од таму ни одговорија дека заклучно со јуни годинава, партијата имала 22 редовно вработени, за кои се издвојуваат 826.622 денари. Исто така, ни од оваа партија не ни достави податоци за идентитетот на своите вработени.

Меѓутоа, треба да се напомене дека ова драстично се разликува од состојбата заклучно со ланската 2021 година, кога, според годишната сметка, партијата издвојувала 7,8 милиони денари за плати и надоместоци. Оттука, партијата во меѓувреме драстично го скратила платниот список.

Во групата на политички партии која воопшто не одговори на нашето барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е владејачката ДУИ. Сепак, финансискиот извештај покажува дека лани потрошила околу 2,7 милиони денари за плати и надоместоци.

Ниту албанските опозициски партии Беса и Алтернатива не одговорија на нашите барања, иако имаат законска обврска, но одговор добивме од Алијанса за Албанците. Од таму ни доставија и список со 10-мина вработени, за кои партијата издвојува 281 илјади денари за плати, плус 140 илјади денари за придонеси и данок.

Инаку, на нашите барања досега не одговорија и ЛДП и НСДП, додека позитивно одговорија од Левица, ДОМ и ГРОМ, од каде доставија податоци за бројот на вработени и средствата што ги издвојуваат по основ на плати, додека идентитетот на вработените го открија од СП.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Влатко Стојановски

Поврзани новости