(АРХИВА) Жестока вербална војна на банкарите

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 23 февруари 2022 година во бројот 1377.

За неколку месеци ќе се навршат две години од затворањето на Еуростандард банка. Истрагата на институциите сѐ уште трае, обвинение нема, а засега, единствено кабает е поранешниот мнозински сопственик, Трифун Костовски. Но, тој не се откажува и ја бара вистината за пропаѓањето на банката. Последно Костовски почна сѐ поотворено да пишува за улогата на Комерцијална банка во затворањето на Еуростандард. Тврди дека ако банката не се затворела на виделина ќе излезел криминалот во Комерцијална, а од таму му порачуваат: Трифун лаже!

Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Кога јавноста дозна дека пропадна Еуростандард банка, нејзиниот мнозински сопственик, Трифун Костовски на првата прес-конференција, ниту еднаш не го спомена името на извршниот директор на Комерцијална банка, Хари Костов. Но, од тогаш, па досега, името на Комерцијална банка цело време се провлекува во откривањето на вистината зошто пропадна банката.

Костовски потоа во интервју за „Фокус“ зборуваше дека има добра комуникација со Костов и не почувствувал дека неговите намери биле валкани. Но, сепак, рече дека тоа може да се препише на неговата наивност. Речиси две години по затворањето на банката, тој повторно вели дека неговиот однос со Костов бил коректен, но се сомнева дека намерите на Комерцијална банка биле чесни.

Лично со Хари Костов немам никакви проблеми. Меѓутоа, најболното е тоа што во целата истрага Комерцијална банка се појавува како најголем соработник на Еуростандард банка, каде што најмногу се потенцирани тие девијантни појави, како користење трансакциски сметки на правни и физички лица без знаење на сопствениците, лоши пласмани на Комерцијална банка префрлени во Еуростандард банка, како фирмата Прототип со 2,5 милиони евра долг, како и, најбитното, незаконското трошење на 3 милиони евра депозит на Еуростандард банка во Комерцијална банка, вели Костовски за „Фокус“.

И сега тој не зборува конкретно за Костов, но почна сѐ поотворено да зборува за улогата на Комерцијална банка во целиот случај, а една од последните колумни ја посвети токму на односот меѓу Комерцијална и Еуростандард банка.

НЕМАМ ПРОБЛЕМИ СО КОСТОВ, ТУКУ СО КОМЕРЦИЈАЛНА

-Можеби си ја плаќам цената за својата слабост, а тоа е да имам доверба во луѓето – верував во Управниот одбор на Еуростандард банка, кој ја водеше банката 11 години, верував и во Управниот одбор на Комерцијална банка. Доколку намерите на Комерцијална банка биле чесни, ќе бев повикан на разговор и предупреден. За жал, такво нешто не се случи, вели Костовски.

Во колумната тој констатира синергија меѓу гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска – Бежоска и Управниот одбор на Комерцијална банка во постапките што се водеа против Еуростандард банка.

 -Причината за ваквата моја констатација е следна: Госпоѓата гувернер Бежоска, нас, акционерите цело време нè туркаше во прегратките на Комерцијална банка. Кога таа љубов не се реализира, дојде до казна по нас акционерите за максимална брза докапитализација, која ја направивме во многу брз период, секако додавајќи еден силен правен субјект од осигурителниот бизнис, напиша Костовски во колумната.

Познатиот бизнисмен упатува на заклучок дека затворањето на банката следувало по смената на Управниот одбор на Еуростандард банка, на чие чело застана поранешниот прв даночник Горан Трајковски и одбивањето на понудата банката да се продаде на Комерцијална.

Како што ни објасни Костовски, гувернерката цело време во текот на 2019 година ги упатувала да се спојат, или да ги купи Комерцијална банка. Новиот Управен одбор одржал неколку состаноци со Управниот одбор на Комерцијална банка, но условите и процените што им ги понудиле за нив биле уценувачки и ги одбиле.

НЀ ТЕРАА ДА ЈА ПРИПОИМЕ БАНКАТА СО КОМЕРЦИЈАЛНА

Знаевме дека можеме банката да ја консолидираме од причини што во целиот банкарски систем Еуростандард банка имаше најсветла перспектива. Имавме потпишан 20-годишен договор со „Македонски пошти“ за користење 340 експозитури ширум Македонија.

Колку е ова битен фактор во платниот промет говори фактот што Еуростандард банка преку експозитурите на „Македонски пошти“ остваруваше една четвртина од вкупниот платен промет на Македонија во месецот, следствено во годината, објаснува бизнисменот.

Костовски води своја истрага за пропаѓањето на неговата банка, која сѐ повеќе му ги потврдувала сомневањата дека на Комерцијална банка ѝ одговарал стечајот на Еуростандард банка.

-Доколку опстоеше Еуростандард банка, дефинитивно ќе излезеа на виделина сите незаконски дејства во двете банка и многу веројатно одговорните лица ќе се соочеа со конкретни тужби за криминално здружување. Истрагата за овој случај на која работам повеќе од една година, многу јасно укажува за начинот како се злоупотребува банкарскиот систем, а ве убедувам дека независно од функциите што сум ги имал во банката, таквиот систем беше многу вешто криен од мене, за жал, вели Костовски за „Фокус“.

Тој е убеден дека ако Еуростандард банка се споеше или претопеше во Комерцијална, немаше да има стечај.

Убеден сум дека сите ќе беа задоволни, во духот на поговорката „и овците на број и волците сити“, ама некој мораше да ја плати таа цена, а тоа сме јас и моето семејство, додава бизнисменот.

Еден од највлијателните банкари во изјава за „Фокус“, пак, вели дека нема намера да одговара на обвинувањата на Костовски дека Еуростандард банка пропаднала, бидејќи новиот Управен одбор на чело со Горан Трајковски не прифатил да биде продадена Еуростандард.

ХАРИ КОСТОВ: ТРИФУН ЛАЖЕ!

Ние двапати одговоривме на неговите лажни обвинувања и еднаш на Здружението на штедачите и немаме намера веќе да одговараме на вакви лаги и конструкции и да се занимаваме со Трифун и со Еуростандард банка. Меѓутоа, кога Трифун лаже, барем треба да си ги провери датумите за да не се фаќа во лага.

Лаже дека кога Горан Трајковски дошол во Еуростандард како член, а потоа и како претседател на УО на Еуростандард ја замолил сопругата да замине од Комерцијална банка, наводно поради лошите практики.

Датумите покажуваат дека прво неговата сопруга замина од Комерцијална банка за директор во Лотарија, а потоа Горан се вработува во Еуростандард банка, вели Костов за „Фокус“.

Всушност, Костов се осврнува на делот од колумната на Костовски во која тој пишува дека новиот претседател на УО, Трајковски, ја замолил неговата сопруга да го напушти работното место од Комерцијална.

Тврдењата на Костов се дека тоа не е точно и тоа го докажува со датуми извадени од Централен регистер и тврди дека и новиот претседател заедно со Костовски и неговиот син замолиле Комерцијална и понатаму да ѝ помага на Еуростандард.

-Може да проверите и со Горан, дали е вака како што лаже Трифун, или, пак, и тој на состанок заедно со Трифун и Коки замолија Комерцијална банка да продолжи да ѝ помага на Еуростандард банка, вели Костов.

Пред извесно време, Комерцијална банка испрати остра реакција на  тврдењата на Костовски и го обвини дека ја замајува и ја дезинформира јавноста и вината за пропаѓањето на банката ја лоцираат во менаџерскиот тим на банката.

Пред точно една година, Комерцијална банка ја објави својата последна реакција во врска со небулозите и лагите на Трифун Костовски и затоа во оваа пригода сакаме само да потсетиме дека Костовски повторно заборава дека тој и неговиот раководен тим се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити, кои не можеа да се наплатат и затоа тие се главните виновници за пропаѓањето на Еуростандард банка, реагираа од Комерцијална банка.

 ШТЕДАЧИТЕ ОЧЕКУВААТ ПРЕДНОСТ ПРЕД ФОНДОТ

Додека траат препукувањата на релација Еуростандард – Комерцијална, штедачите од пропаднатата банка бараат граѓанскиот суд да потврди дека тие ќе имаат предност при наплата на парите од стечајната маса.

По пропаѓањето на Еуростандард банка, околу 700 граѓани чии депозити, односно заштеди, останаа заглавени во банката, ги споделуваа своите сурови судбини, откако преку ноќ ги изгубија парите за кои работеле цел живот и успеале да ги заштедат.

Овие граѓани имаат депозити во банката над 30.000 евра, но има и околу 2.000 фирми за кои не постои никакво обесштетување, а се законски должни да работат со трансакции само преку банка. Стечајниот управник во мачната и долга стечајна постапка треба да собере 36,2 милиони евра за да ги обесштети граѓаните и фирмите чии пари останаа во банката.

Сепак, Трифун Костовски тврди дека најоштетени во целиот случај се тој и неговото семејство и порачува дека не се откажува и ќе ги најде виновниците за затворањето на банката.

Сакам да завршам со тоа дека нема да дозволам стечајот на Еуростандард банка да оди во заборав. Мора да има епилог, а тоа значи дека мораме да ги најдеме виновниците за овој чин. Кој и да е, цената мора да ја плати, порачува тој.

ДОКУМЕНТАЦИЈАТА ОД ЕУРОСТАНДАРД СЕ ВЕШТАЧИ

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое води истрага за пропаѓањето на банката, обезбедило податоци и материјална документација преку Управата за финансиска полиција, кои се предадени на вештачење.

По добивање на вештиот наод и негова анализа и проучување, надлежниот обвинител ќе донесе јавно-обвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, велат за „Фокус“ од Обвинителството.

Како главни осомничени за случувањата во банката се споменуваа Трифун Костовски, неговиот син Коста и уште неколкумина од раководството на банката, но и други 20 лица, кои ја довеле банката до стечај. Меѓу нив е и претседателот на Управниот одбор, Николче Петковски и други големци од раководните структури на банката, но можно е да одговараат и службеници кои го ставиле својот потпис на фиктивните кредити, како и дел од фирмите што зеле кредити и не ги вратиле.

Сепак, сите овие наводи треба да ги докаже Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција пред да поднесе обвинение за овој случај. Обвинителот кој ја почна истрагата за пропаѓањето на банката во февруари, Наум Пановски, беше избран во Вишото јавно обвинителство, па некаде во јуни, истрагата продолжи да ја води обвинителката Катерина Коларевиќ.

Поврзани новости