Каков човек беше Драган Вучиќ: Вкусен ти е сутлијашот, му реков, а тој ми донесе цел пакет!

by fokus

Утринава јавноста ја дочека со неверување веста дека во својата 65-та година почина популарниот музичар и ТВ водител Драган Вучиќ.

Човекот со чија музика и забавни емисии растеа генерации, ја изгуби битката со корона вирусот. Веста за неговата смрт ја потврди и министерот за здравство, Венко Филипче, кој изрази сочувство до семејството Вучиќ.

Тој појасни дека Драган бил хоспитализиран пред осум дена, откако состојбата му се влошила. Бил лекуван на одделението за интензивна нега, со многу тежок наод на белите дробови, и покрај сите напори на лекарите и стручниот тим, утрово му подлегнал на вирусот.

Колегите на Вучиќ на социјалните мрежи се простуваат со него, објавуваат негови фотографии, видео клипови, песни кои тој ги отпеа, или пак ги компонираше за други пејачи.

Се обидуваат на пошироката јавност да и го доловат ликот на Драган зад камерите, да ја опишат неговата човечност, да споделат колку голем другар и пред се човек беше тој.

-Го сретнав, не знам каде…
Му реков:
-Тој сутлијашот што го рекламираш во емисијата е навистина убав, редовно го купувам.
– Навистина ти се допаѓа?
-Да, му одговорив.
Следниот ден ме побара и ме праша за адресата, му ја кажав.
Дојде и ми донесе цел пакет од сутлијашот. ,,Повели” ми рече со насмевка.
Е, таков човек беше Драган Вучиќ –пишува актерот и музичар Драган Спасов – Дац.

Фолк пејачката Елена Велевска откри дека Вучиќ бил човекот кој и ја дал првата шанса на естрадата, дека со негова помош го заработила својот прв хонорар.

-Несебично беше до мене кога најмногу ми требаше. Беше човек пред времето, неприкосновен во телевизијата и музиката – открива Велевска.

Бранко Огњановски пак сподели анегдота со Драган, од една од многубројните емисии.

-Го прашува Драган гостинот – А вие сте тука заради пари или заради слава?
-Заради пари. Слава имаме, Свети Никола – се сеќава хумористот.

Листата на јавни личности кои се простуваат со Вучиќ е долга. Поп и фолк пејачи, актери, водители…

Тој зад себе ја остави сопругата Весна, ќерка на познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски и синот Мартин, перкусионист, член на Македонската филхармонија и актуелен директор на НУ Танец.

Вики Клинчарова

Поврзани новости