Музичарот Симеон Атанасов, кој е едно од 47-те момчиња кои ги одгледа легендарната Есма Реџепова Теодосиевска, и кој и беше менаџер се до крајот на нејзиниот живот, минатата година изненади со одлуката да се пресели во Виена, Австрија, заедно со сопругата и децата.
Иако ниту Симеон, ниту пак било кое од децата за кои се грижеше музичкиот пар никогаш не беше легално посвоено од нив, Атанасов секогаш ги нарекуваше Теодосиевски свои родители.
Околу тоа како живее сега, по околу една година од преселбата, и зошто реши да замине и да започне сосема нов живот, но за што најмногу жали, раскажа за „Фокус”.
-Жалам по мојата Македонија во која што сонцето грее многу појако, но не и за ,,власта”, која што не ја почитува уметноста!
Се преселив во Виена пред се поради ,,власта”, која што веќе 7 години, нас не влече по судски лавиринти, и не ја почитува уметноста и уметничкото творештво на Есма и Стево Теодосиевски.
Убеден сум дека ако не се почитуваат уметници од тој ранг, тогаш што вредиме ние помладите? Зошто да компонираме, создаваме нови дела кои што ќе бидат патоказ за идните генерации, не вреди!
Есма и Стево Теодосиевски го оставија целото свое творештво на Министерството за култура, но од таму нема абер да го прифатат овој подарок. Срамота!-вели Атанасов, потсетувајќи на неисполнетата желба на Есма, нејзиниот дом да стане музеј, случај за кој се води судски спор, бидејќи нејзините внуци го оспорија тестаментот и бараат тие да бидат наследници на куќата на Кале.
Во Австрија тој продолжил да се занимава со она кое најдобро го знае, со музика, и веќе отворил музичка продукција. Истовремено, работел на нови песни за Малиша, единственото девојче за кое Есма се грижеше и која е нејзина наследничка во музиката.
– Во Виена отворив музичка продукција, заедно со мојот син, кој што е генерален директор на К1 ПРОДУКЦИЈА, организираме концерти, семинари за балканска музика итн…
Исто така сум на релација Виена – Брисел, со нашата Елеонора Мустафовска и нејзиниот сопруг Оливиер Бони. Преку нивната организација која што го носи името на Есма, имаме проекти од областа на музика, театар, музичко предавање итн…
Во процес сме на снимање на нови песни за Елеонора, или по ново Малиша – вели музичарот.
Не го крие разочарувањето од случувањата со тестаментот на Есма, бидејќи во градењето на куќата учествувал тој, но и сите други деца за кои Есма и Стево се грижеле. Сите тие, со заеднички настапи придонеле да се изгради куќата, од која денес останаа само рушевини.
-Би сакал спорот околу тестаментот на Есма и Стево Теодосиевски, да се реши што е можно побрзо, за да не биде тој објект руина, затоа што само ние децата знаеме како е градено, и со чии финансиски средства.
Во Виена има се, но го нема нашето сонце и топлината на нашиот народ. Се надевам во некоја подобра иднина ќе се вратам во моето родно Кочани, од каде што тргнав далечната 1984 година – раскажа Атанасов.
Есма, која беше нарекувана Кралица на Ромската музика почина во декември 2016 година. Ја носеше титулата Национален уметник на Македонија, и беше позната како голема хуманитарка.
И по речиси седум години од нејзината смрт, битката за нејзиното наследство трае, бидејќи нејзините внуци од сестри и браќа веруваат дека таа сакала нив да им ја остави куќата, наместо истата да биде музеј во чест на нејзиното и музичкото творештво на Стево Теодосиевски.
Вики Клинчарова