Се одложи судењето на Латас и Лазаров

by fokus

Првото рочиште од судењето на Драган Павловиќ- Латас и јутјуберот Стефан Лазаров кое требаше да се започне денеска се одложи, бидејќи адвокатката на првообвинетиот имала друго судење. Продолжението е закажано за месец и десетина дена.

Латас и Лазаров се обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Латас при гостувањето во подкастот на Лазаров зборуваше за своето прво сексуално искуство и за околностите под кои истото се случило, на што јавноста реагираше дека се промовира сексуално насилно однесување.

Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.

Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан, образложија од Основното јавно обвинителство.

Поврзани новости